Берлин и Виена сугерираат „голема коалција“ за Хрватска
Официјален Берлин и Виена им сугерираат на хрватските политичари да формираат „голема коалиција“ и да избегнат политичка криза, или нови избори во земјата, тврди Ал Џезира-Балкан, повикувајќи се на дипломатски извори.
Германската и австриската сугестија доаѓаат откако стана јасно дека на неделните парламентарни избори во Хрватска, ниту една од двете главни политички партии, не успеаја да обезбедат мнозинство.
„Татковинската коалиција“ што ја предводи десноцентристичката партија ХДЗ на Томислав Карамарко, успеа да освои 59, додека блокот партии „Хрватска расте“ предводена од СДП на досегашниот премиер Зоран Милановиќ, доби 56 пратенички мандати.
Најголемо изненадаување е неочекуваниот успех на независната коалициска листа Мост, која доби 19 пратеници, па сега таа ќе ја има улогата на „кинг мастер“ и партија од која зависи создавањето на новата хрватска влада.
Набљудувачите во Загреб сметаат дека успехот на Мост е резултат на неснаоѓањето на Карамарко во предизборната кампања, па дека големиот број гласови што ги доби Мост е последица на бегството на гласачите на ХДЗ, незадоволни од политиката на нивната партија.
Карамарко, некогашен шеф на кабинетот на поранешниот претседател Стипе Месиќ, па потоа директор на разузнавачките агенции на Хрватска, а едно време и министер за внатрешни работи, сега вели дека верува оти со Мост ќе може да се најде заеднички јазик, особено што еден од лидерите на оваа независна коалиција, е поранешен потпретседател на ХДЗ.
Според „Ал Џезира“ Германија и Австрија, сепак, сугерираат формирање „голема коалиција“ како што е тоа во германскиот Бундестаг, наместо правањето лабав сојуз со Мост и со некои помали партии, или дури одењето на нови избори.
Оваа сугестија се појавува во време кога во некои политички кругови во Загреб веќе се заговара оти новите парламентарни избори се „поевтиното решение“ и дека тоа е подобро од „скрпена и нестабилна влада“.
Поранешниот хрватски премиер Златко Матеша, во интервју за „Ал Џезира„ меѓутоа остро се спротивставува на заложбите за ново гласање. Тој се залага за тоа политичките лидери да постигнат консензус околу реформите и виталните хрватски државни интереси.
Матеша ја поддржува германската (и австриската) сугестија и смета дека можеби е време за една хрватска „голема коалиција“.
- Зашто тое не би било можно кај нас во Хрватска, а може да се случи во други земји, како во Германија, или во Италија. Дури и во Северна Ирска се договорија за едно коалициско управување (меѓу католиците и протестантите) , откако интересите за земјата се ставија пред оние на партиите, рече Матеша, кој беше премиер во времето кога претседател беше Фрањо Туѓман.
Доскорешниот претседател Иво Јосиповиќ, сепак, не верува во „голема хрватска коалиција“ како решение за постизборната ситуација.
За „Ал Џезира- Балкан„ Јосиповиќ изјави дека во овој момент, едно такво решение не е реално, затоа што двата блока партии се премногу спротивставени за да може да делуваат заедно.
Ново на Сител
-
Опасност од нови силни врнежи: Жителите на Валенсија повикани да останат во своите домови
-
Новинарка во Скопје добила закани на социјалните мрежи
-
Пријава за сомнение за киднапирање на дете
-
Четворица мртви и 17 повредени во верижен судар во Мичиген
-
Силен земјотрес од 5,2 степени го погоди Халкидики
-
Орбан: Победата на Трамп ќе ја натера Европа да ја преиспита поддршката за Украина
-
Мајка пријавила во полиција обид за грабнување на нејзината тригодишна ќерка
-
Ембер и Зверев во финалето на Мастерсот во Париз