Балкан
2. November 2017 - 17:44

Белград: Украинскиот амбасадор ги нарушува односите меѓу Србија и Русија

Српското Министерство за надворешни работи денеска оцени дека украинскиот амбасадор во Белград, Олександер Александрович со своите изјави се обидува да ги наруши односите  меѓу Србија и Русија.

- Скандалозните изјави на украинскиот амбасадор во Белград, Олександер Александрович, кој ја означи Србија како инструмент на Русија за дестабилизација на Балканот и на Европа се недопустливи, со што апелираме до украинската Влада да реагира на таквото однесување, за да не превземеме чекори кои се вообичени за вакви случаи, стои во реакцијата на државниот секретар на српското Министерство за надворешни работи, Ивица Тончев.

Српските медиуми вчера пренесоа делови од интервјуто на Александрович за БИРН, во кое тој вели дека на рускиот претседател Владимир Путин „не му е грижа за Србија, туку дека ја користи за да создаде хаос, да поттикне нови војни на Балканот“, меѓу кои и во Македонија и да ја уништи Европа.

Според Александрович, Русија „обучува српски платеници да убиваат Украинци“, ги искористила српските екстремисти „за организирање државен удар во Црна Гора“ и го поттикнува „српскиот сепаратизам“ во Република Српска.

- Русија го користи српскиот фактор да ја дестабилизира Македонија. Русија игра активна улога во спротивставувањето на косовските Срби ком косовските Албанци. Русија и продава авиони на Србија за да создаде тензии во односите со Хрватска, изјави украинскиот амбасадор во Белград, додавајќи дека тоа се само некои од причините поради кои западните земји ја предупредиле Србија од ризиците поради блискиот сојуз со Москва.

Во својата реакција на интервјуто на Александрович, српското Министерство оценува дека „фактот што Србија води избалансирана, коректна и доследна надворешна политика, изгледа не им одговара на оделни амбасадори, кои на недипломатски и непристоен начин се однесуваат кон земјата која им укажала гостопримство“.

- Активностите на украинскиот амбасадор се неуспешни обиди за нарушување на односите меѓу Србија и Русија, се констатира во реакцијата на српското Министерство за надворешни работи.