Бебето од Дојран има микроцефалија, но не од зика вирус
Референтната лабораторија на СЗО во Германија потврди дека тримесечното дете од Дојран нема вирус Зика. Резултатите се пристигнати вчера попладне, а денеска ги соопштија од Институтот за јавно здравје.
- Референтната лабораторија на СЗО ги потврди резултатите што ние ги добивме претходно. Во Институтот за јавно здравје беа направени анализи кои исклучија инфективен причинител за состојбата, како и вирусни причинители кои се пренесуваат преку комарци како што се западнонилска треска и денга. Со цел да се потврдат нашите резултати примероците ги испративме во Референтна лаборторија на СЗО и тие се потврдени како негативни, вклучително и за зика вирусот, информира доктор Голубинка Бошевска.
Посочи дека за случајот немало сомневање дека станува збор за зика вирус, но се направени анализите со оглед на актуелната состојба и препораките да се провери секој случај каде има и мал сомнеж.
- Како институција и како држава постапивме многу одговорно кон тие испитувања. Немавме сомневање дека е можен позитивен зика резултат со оглед на тоа што во Европа нема ниту една земја каде има активна трансмисија, односно пренесување на вирусот, како и тоа дека во европските земји ги нема типовите комарци кои го пренесуваат овој вирус. Сомневање не постоеше, но поради постоењето притисок од јавноста и со оглед на препораките дека секој и мал сомнителен случај да биде испитан, и за да не направиме пропуст материјали беа земени и беа испратени во референтна лабораторија, рече доктор Гордана Кузмановска.
Информира дека нема други сомнителни случаи на зика вирусот и оти Лабораторијата при Институтот сега располага со реагенси и можности за детекција на голем број арбо вирусни инфекции вклучително и зика вирусот, западнонилската треска, денга, чикунгуња.., а се очекуваат тестовите и за имун оговор на зика вирусот.
Од Институтот за јавно здравје нагласуваат дека се следи состојбата и оти ги објавуваат информациите на својата веб страница. За оние кои патуваат имаат изготвено флаери со информации за овој вирус, кој како што посочија, поминува со благи симптоми, но остава опасни последици кај бремените жени на плодот, особено во првите месеци.
Дека не станува збор за зика вирусот кај детето од Дојран потврдија и од Детската клиника. Во пишаното соопштение директорката Аспазија Софијанова посочува дека направените анализи во лабораторијата покажаа дека нема присуство на зика вирусот кај пациентот со микроцефалија.
- Пациентот, тримесечно бебе од Дојран, беше препратено од матичниот педијатар од Струмица со сомневање за аномалија на главата позната како микроцефалија. Невролозите по направените испитувања предложија да се направат дополнителни анализи за да се утврди причината за оваа состојба. Анализите кои пристигнаа покажаа дека не се работи за денга и зика вирусот. Која е причината за микроцефалијата, ќе ја утврди тимот од одделот Неврологија со понатамошни анализи. Причина за микроцефалијата можат да бидат вируси кои ги имала мајката во првите три месеци од бременотса кога се формираат ограните кај плодот. Натамошните испитувања и утврдувањето на причинителите ќе го дефинираат и понатамошниот начин на лекување на пациентот, се вели во соопштението, од Детската клиника.
Ново на Сител
-
Вооружен грабеж во продавница на Градски стадион - уапсени две лица
-
Мерки притвор
-
Хаос и караници на вонредната седница на советот на Град Скопје
-
Тема на денот со Борче Треновски
-
Коцевски му одговори на премиерот
-
Отпочна со работа Флекс Брокер, третата компанија во Флекс Групацијата
-
Кредит за фирмите
-
Пренатрупаност во затворите