Свет
4. August 2022 - 8:43

Бајден ја потпиша втората извршна наредба за заштита на правото на абортус

Американскиот претседател, Џо Бајден, вчера изјави дека Врховниот суд и републиканците немаат поим за моќта на жените, откако тој ја потпиша втората извршна наредба чија цел е заштита на правото на абортус.

 Извршната наредба бара од федералното Министерство за здравство да размисли да дозволи да се користат средствата на програмата „Medicaid“ за помош при патувања надвор од државата за абортуси. Како и првата извршна наредба на Бајден, што беше потпишана во јули, и оваа се однесува на неодамнешната одлука на Врховниот суд за ставање крај на уставното право на абортус на национално ниво. Наредбата се очекува да има ограничен ефект, бидејќи републиканците во американските држави туркаат бран закони кои го ограничуваат абортусот, пристапот до лекови и финансирањето на таквите услуги.

Новата наредба на Бајден доаѓа откако гласачите во Канзас отфрлија еден таков обид да се отстрани заштитата од абортусот од државниот Устав. Гласањето беше голема победа за движењето за правата на абортусот, во првиот изборен тест низ целата држава по пресудата на Врховниот суд. -Мислам дека судот нема поим за тоа или Републиканската партија за тоа…како жените ќе одговорат.

Тие немаат поим за моќта на Американките, рече Бајден. „Синоќа во Канзас тие дознаа“. Резултатот во Канзас тој го нарече „одлучувачка победа“ и додаде дека гласачите во оваа сојузна држава испратиле „силен сигнал“ што јасно стави до знаење дека политичарите не треба да се мешаат во основните права на жените. -Оваа борба не е завршена и тоа го видовме синоќа во Канзас, рече Бајден.

Врховниот суд „практично ги принуди жените во оваа земја да излезат на гласање и да го вратат правото на глас, кое штотуку им беше одземено“, рече Бајден. Минатиот месец, Бајден рече дека Врховниот суд, во кој односот на силите е шест спрема три во корист на конзервативните судии, е „надвор од контрола“ откако во јуни донесе одлука за поништување на пресудата во случајот „Ро против Вејд“, ставајќи крај на полувековната заштита на репродуктивните права на жените.

Неговиот прв декрет на почетокот на јули му наложи на федералното Министерство за здравство да го прошири пристапот до медицински абортуси и да обезбеди заштита за жените кои патуваат за абортуси. Новата наредба се надоврзува на овие мерки, но како и во случајот со првата, останува нејасно како може да се постигнат тие цели.