Бадникови поворки 2026 во рекордни 80 градови – централна манифестација во Скопје

Во организација на Здружението „Бадникови поворки“ утре ќе се одржат Бадниковите поворки, најголемата народно-културна и духовна манифестација во Македонија, посветена на радосното и достоинствено најавување на Христовото Рождество – Божик.

Годинава, Бадниковите поворки ќе се реализираат во рекордни 80 градови и населени места низ Македонија, како и во македонската дијаспора во Словенија, Италија, Австрија, Франција и Соединетите Американски Држави, обединувајќи илјадници деца, семејства и заедници во духот на светлината, радоста и заедништвото.
Централна Бадникова поворка во Скопје

Централната Бадникова поворка во Скопје ќе обедини учесници од речиси сите скопски општини, заедно со нивните градоначалници, кои и оваа година активно ќе учествуваат во организацијата на настанот.
Градоначалниците и општинските тимови утре во претпладневните часови ќе ги пречекаат и даруваат коледарчињата во своите општини. Потоа, со организиран превоз, децата и нивните семејства ќе се упатат кон централната манифестација во Скопје.
Божикни ѕвездички, подароци и празнична програма

Формирањето на поворката ќе започне пред Музејот на Град Скопје од 11:30 до 12:00 часот, каде што на сите деца кои немаат ѕвездичка бесплатно ќе им биде подарена Божикна ѕвезда, а сите учесници ќе добијат и уметнички магнет со божикна порака – симболичен спомен од Бадникови поворки 2026.
Точно во 12:00 часот, поворката пеејќи ја песната „Вечниот Бог“ ќе тргне по улицата „Македонија“ и ќе пристигне на плоштадот „Македонија“, пред сцената кај Божикната пештера.
Како кулминација на манифестацијата, ќе биде изведена „Божикна авантура“, голема музичко-сценска изведба во живо со учество на над 40 музичари, актери, пејачи и „Златно славејче“, која преку музика и симболика ќе донесе силни емоции и празнична радост за сите генерации.
Празнични посети
Традиционално, во претпладневните часови, групи деца и млади од Бадниковите поворки ќе остварат празнични посети кај претседателката на државата Гордана Силјановска-Давкова, архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски, споделувајќи ја радосната вест за Христовото Рождество.
Здружението „Бадникови поворки“ ги поканува сите граѓани, семејства и деца да се приклучат на Бадниковите поворки 2026, без потреба од претходно пријавување.
Веќе 16 години, Бадниковите поворки претставуваат симбол на светлина, заедништво и достоинствено празнување на Бадник во Македонија и пошироко.
Манифестацијата е поддржана од Министерството за култура и Град Скопје.
МИА
Ново на Сител
-

Почина новинарката Гордана Дувњак
-

Најмногу дожд на Попова Шапка, температура до 21 степен
-

Скопје домаќин на Светското училишно првенство во ракомет за средношколци
-

Иран со сериозни забелешки на некои потези на САД, но не ја исклучува можноста од нова рунда преговори
-

Зеленски ги обвини американските претставници за непочитување на Украина
-

Труење со заостанати велигденски јајца во Кавадарци, докторите апелираат на внимателност
-

Ливит: САД никогаш не биле поблиску до постигнување договор со Иран
-

Одбележување на Националниот ден на мигрената под мотото „Мигрената е повеќе од главоболка“
