Арсовска Томовска: Да не се вршат партиски активности во администрацијата во работно време
Министерката за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска бара Јавното обвинителство да каже дали лицата кои вонинституционално прибираат податоци за предизборни притисоци досега воопшто доставиле каква било пријава или докази за сторено кривично дело.
Само таквиот податок, според Арсовска Томовска, е релевантен да се оцени сериозноста на тие активности. Непријавувањето кривично дело е исто така кривично дело, рече на прес-конференција Арсовска Томовска, оценувајќи дека повиците од дополнителниот заменик министер Александар Кирацовски да се пријавуваат кривични дела за предизборни притисоци на приватни веб страници, вонинституционално, се надвор од законските процедури и се користат само за медиумски кампањи и политичка промоција.
Одговарајќи на новинарско прашање што ќе преземе по најавите од Кирацовски дека во работно време ќе посети институции и ќе дели флаери кои не се на МИОА, Арсовска Томовска рече дека сака да укаже оти „сите кои во работно време вршат партиски активности треба да престанат со такви активности“.
- На сите ни е јасно дека на работа треба да се однесуваме професионално и одговорно и да си ги вршиме работните задачи, а ние функционерите во овој случај треба да бидеме пример како треба професионално да се однесуваме, рече Арсовска Томовска.
Секој вработен, потенцира, е должен во работно време и на работно место да се однесува крајно професионално и политички неутрално и да не врши партиска пропаганда, во работно време да не учествува во партиски активности или партиски јавни настани, на себе да не носи и во работните простории да не истакнува партиски симболи.
- Што се однесува до повикувањето на Законот за заштита на укажувачи, во флаери дистрибуирани од државни функционери, укажуваме дека заштитеното пријавување укажувачот треба да го врши внатрешно, во самата институција, во која има сомневање или сознание дека е извршено, се врши или ќе се изврши казниво дело, или друго незаконито или недозволиво постапување со кое се повредува или загрозува јавниот интерес. Тоа не е и не може да биде државен, а истовремено и партиски функционер од друга институција, рече Арсовска Томовска.
Во случаи кога укажувањето се однесува на раководното лице во самата институција или кога укажувачот во врска со извршеното заштитено внатрешно пријавување не добие информација за преземени мерки во рокот утврден со закон или не се преземени мерки и укажувачот не е задоволен од постапувањето по внатрешното пријавување или се сомнева дека нема да се преземат мерки или дека внатрешното пријавување ќе предизвика штетни последници по него или по негово блиско лице, укажувачот, појасни министерката, може да врши и надворешно пријавување, до Министерството за внатрешни работи, надлежното јавно обвинителство, Државната комисија за спречување корупција, Народниот правобранител или друга надлежна институција. - И во овој случај, законски се утврдени институции до кои се доставува пријава и јасно е дека вакви пријави не може да прибира ниту еден функционер лично и вонинституционално. Процедурите се јасни и законски утврдени, наведе министерката за информатичко општество и администрација.
Нагласи дека е против секаков обид за притисок, заканување, заплашување и уцени на вработените и во предизборниот и во изборниот период и укажа дека секоја форма на притисок, закана и уцена е кривично дело.
Повредата на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање и повреда на тајноста на гласањето, потсети министерката, се кривични дела утврдени со Кривичниот законик (член 160, член 162 и член 163) и сите овие дела се гонат по службена должност. Јавното обвинителство, согласно член 39 од Законот за кривична постапка, е единствен и самостоен државен орган кој има стварна надлежност да ги гони сторителите на кривични дела за кои гонењето се презема по службена должност. Поради тоа, како што рече, секоја пријава за кривични дела во врска со изборите, задолжително се процесуира до Јавното обвинителство.
Ново на Сител
-
Дејан Митровски Урко за настапот на ЕП: Браво за целиот тим, задоволен сум од успехот, одиме понатаму!
-
Стојановски ќе се бори за златен медал на ЕП во Таеквондо за кадети
-
Барале пари за да дадат информации - Нови детали за изчезнувањето на Лидија
-
Родри ја освои Златната топка со 41 глас повеќе од Винисиус
-
Мицкоски: Се обидуваме „Рош“ да се вратат и граѓаните да добијат врвна здравствена услуга по конкурентни цени
-
Според тестирањата во прилепските градинки, секое второ дете има проблеми со говорот
-
Мицкоски: Дефинирани се цените и производите опфатени со новогодишната кошничка
-
Од утре температурите пониски за пет до седум степени