Десет дена Виница се гуши во отпад
Виница се гуши во смет. Десет дена ЈКП „Солидарност“ не го собира отпадот, зашто нема каде да го депонира. Контејнерите се преполни, ѓубре има на секој чекор, а полни се и кантите од домаќинството. Кочанчани со жив штит, 24 часа на ден го блокираат патот кој води до депонијата и не дозволуваат камионите за отпад од другите општини да одлагаат на нивната депонија.
-Не даваат да се носи таму и сега нема каде. Цел град е затрупан со ѓубре, нема каде да се носи, стои по улиците, народот се буни.
-Кај нас во селото стои веќе 10 денови, катастрофа е. Контејнери полни до „даска“ и на земјата и не може да се помине по улиците анкетирани виничани.
Депонијата за општина Виница е затворена, а граѓаните децидни дека не смее да се реактивира.
-Треба да си истане затворена, не ни требаат нам болести. Нека најдат некое друго место соодветно. Рекоа дека во Свети Николе ќе прават нова, анкетиран виничанец
Некои пак сочувсвствуваат со кочанчани, посебно со жителите на с. Бели кои живеат во непосредна близина и постојано се изложени на токсични гасови од чадот од депонијата која постојано се пали.
-Што се кочанчани должни, посебно луѓето од с.Бели, кои се немирни и не сакаат да им се носи ѓубрето таму, да им се појавуваат болести, анкетиран виничанец
Еко активистите и мештаните кои протестираат и го блокираат патот кон депонијата сега ги пропуштаат само камионите на комуналното претпријатие од Кочани.
-За да покажеме добра волља дека ние сепак се бориме за здравјето на нашите сограѓани. Со оваа одлука се надевам дека ќе примамиме уште толку повеќе поддржувачи. Протестот продолжува, изјави еко активист од Кочани
Бидејќи проблемот е регионален и ниту една локална власт не може да го менаџира, побаравме став од вицепремиерот Николовски.
-Она што можам да го дадам како ветување до граѓаните од источниот регион е дека додека не се изгради регионалната депонија во Свети Николе и Владата и јас лично стоиме на располагање, да помагаме да се уредува депонијата во Кочани, како не би имале вакви проблеми какви што имаме во моментот, изјави Александар Николовски, вицепремиер и министер за транспорт и врски
Изминатите две недели интензивно се работи на затрупување на отпадот на депонијата, а се преземаат и мерки да не се дозволи палење на депонираниот смет.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар