Анкета: Граѓаните не ја поддржуваат официјалната надворешна политика
Големо мнозинство од македонските граѓани се против официјалната надворешна политика на земјава во однос на украинското прашање.
Незадоволство, покрај Македонците, изразуваат и сите поголеми етнички заедници во Македонија, открива третиот дел од анкетата на порталот МКД.мк.
Прашани дали државава води мудра надворешна политика во однос на случувањата во Украина, повеќе од половина од испитаниците одговориле НЕ, додека поддршка за нашата дипломатија даваат 25 отсто од анкетираните.
Негодувањето кон македонската надворешна политика е изразено и во податокот дека високи 62 проценти не се согласни со санкциите, кои по примерот на ЕУ, Македонија ги воведе на Русија. Секој петти испитаник рекол дека се согласува со економските казни, а 17 отсто немаат став по ова прашање.
Македонија досега донесе три одлуки за воена помош за Украина, а анкетата открива дека огормен дел од граѓаните се против ваквите решенија на Владата.
Високи 70 проценти не се согласуваат со конвоите кои досега беа испратени за Украина, наспроти 13 отсто кои сметаат дека ова е правилен потег.
Она што се издвојува како необично во оваа анкета е што за разлика од други испитувања, Македонците, Албанците, Србите и Турците, Власите, како и Ромите, имаат заеднички став по овие прашања, односно се едногласни во незадоволство од македонската надворешна политика во однос на Украина.
Телефонската анкета ја спроведе агенцијата Маркет Вижн на илјада и 200 испитаници во периодот од 7-ми до 13-ти ноември.
-
Горан Симоновски
Сите содржини од овој новинар