Продолжуваат обвинувањата за набавката на Леонардо хеликоптерите
Лидерот на СДСМ Филипче да им помогне на истражните органи и да достави се што поседува за набавката на Леонардо хеликоптерите, за која, претходно неделава ја обвини пратенчичката од неговата партија, Славјанка Перовска, бара ВМРО-ДПМНЕ. Пратеникот од владејачката партија, Бране Петрушевски на прес-конференција во партиското седиште праша и од кога Филипче ги поседувал овие информации.
- Доколку Венко Филипче не го стори тоа, и ова јавно изразување на сомнеж за криминал тежок 37 милиони евра кој го поврзува со поранешната министерска Славјанка Петровска, а сега актуелна пратеничка и дел од платформата 12.05, ќе го разбереме како уште една лага во низата лаги кои ги кажува во јавноста. И во оваа прилика го прашуваме Филипче од кога имал информации за овој скандал во Министерството за одбрана, а во кој е вклучена Петровска, зошто сега излегува со информации во јавноста и дали има намера да ги достави информациите до јавното обвинителство или и ова ќе остане на ниво на замајување на јавноста, рече Петрушевски.
Опозицијата со контра обвинувања. Оттаму велат дека пријавувале и во Јавното обвинителство и во Антикорупциската комисија за сомнителните случаи, како набавката на автобусите и прославата на 35-годишнината од независноста на државата и носењето на продуцентот Дејвид Гета, но одговор немало бидејќи, како што велат, обвинителот е на телефон.
- Разликата во цената за хеликоптерите е во Министерството за одбрана. Македонија има чест да е членка на НАТО, благодарение на владата на СДСМ. А вие, за жал, поради лагите, денес го водите министерството, па сега се е на вашата адреса.Таму имате министер. Имате обвинител, имате полиција, велат од СДСМ.
Пратеничката Славјанка Петровска, која сега е дел од Платформата 12:05, која бара реформирање на СДСМ, во изјава за Сител негираше во набавката на Леонардо хеликоптерите постоел некаков криминал. Рече дека Филипче и ВМРО-ДПМНЕ како договорени се обидувале да ја дискредитираат.
Таа при крајот на својот мандат потпиша пакет вреден 250 милиони евра за набавка на осум италијански Леонардо хеликоптери какде дел од долгорочниот план за модернизација на армијата. Хеликоптерите постепено до 2032 година треба да ги заменат старите Ми-летала од руско производство. Кога беше потпишан договорот, Петровска објасни дека во цената, освен хеликоптерите, вклучена е и изградба на хангар, обука на пилотите и техничкиот персонал од страна на италијанскиот произведувач.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
