Бизнис
7. May 2018 - 15:30

Анѓушев во тетовски „Пофикс“, се разговарало за можностите за инвестирање

 - Вицепремиерот за економија Кочо Анѓушев заедно со претседателот на Стопанската комора на северозападна Македонија Неби Хоџа денеска ја посетија фабриката за производство на градежни материјали „Пофикс“ од Тетово, со чии претставници разговараа за новото законско решение за поддршка на инвестициите во економијата.
 
Според Анѓушев, станува збор за компанија што само минатата година инвестирала дополнителни два милиони евра во осовременување и проширување на производството, што како квалитет е препознаен од државата и што ќе добие соодветна подршка.
 
- „Пофикс“ е една реномирана компанија што во последните години е брзорастечка бидејќи сопствениците имаат имвестирано сериозни средства во овој индустриски капацитет за производство на градежни материјали. На состанокот што ќе го имаме со претставници на повеќе компании од полошко ќе им ги објасниме придобивките од новиот Закон за поддршка на инвестициите во економијата. Тоа е закон што ги подржува инвестициите во македонските компании што ќе се охрабрат да инвестираат и кои и минатата година инвестирале, а сакаат тоа да го прават и следните години, рече вицепремиерот.
 
Македонската економија, додаде тој, мора да биде извозно ориентирана и да освојува пазари во светот, а тоа подразбира силна конкуренција.
 
- Ние мора македонската економија да ја направиме конкурентна, а за тоа треба да се инвестира во нови технологии. Токму тука државата со Законот сака да им помогне на компаниите да инвестираат во нови технологии и кадар што ќе работи со нив. Законот минатата недела помина во Владата и дефинитивно е јасно дека ќе се спроведе и заедно со мерките од Фондот за иновативност за мали, средни и микро претпријатија ќе обезбедиме услови македонската економија побрзо да расте, истакна Анѓушев.
 
Тој ги охрабрува компаниите во Македонија да инвестираат во оваа насока и доколку стопанствениците тоа го препознаат, потенцира, тоа ќе вроди со плод и ќе биде добро и за развој на македонската економија, за зголемување на БДП, а пред се за доброто на граѓаните бидејќи тие ќе работат во вакви компании.
 
- На тој начин се надевам дека и младите луѓе ќе го најдат место во оваа програма  и нема да имаат амбиции да се иселуваат од државата, туку ќе останат и ќе создаваат тука, рече Анѓушев.
 
Претседателот на Стопанската комора на Северозападна Македонија Неби Хоџа посочи дека на состанокот со преставниците од повеќе компании во регионот очекува тие да го информираат вицепремиерот Анџушев за нивните различни проблеми и потреби, како и можностите олеснување и изнаоѓање за нови решенија за успешна работа во нивниот бизнис.