Бизнис
31. August 2017 - 19:09

Анѓушев на работен состанок со стопанственици од Велес

Вицепремиерот задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев денеска присуствуваше на работен состанок со членови, директори и сопственици на стопански фирми од Велес, организирана од регионалната комора при Стопанската комора на Македонија. 

На состанокот Анѓушев зборуваше за перспективите на велешкото стопанство во новите проекти на Владата на Р.М и информира за тековните активности во рамките на Проектот за наводнување на земјоделските површини во општина Велес, како и за активностите поврзани со реализација на Проектот за изградба на патот Велес-Прилеп.

Ги информира стопанствениците и за искористеноста на ИПА-фондовите, како и барањето за редовен поврат на ДДВ за законски предвидениот рок,   и за можностите за ставање на образовниот систем во функција на стопанството.

Во изјавата за медиумите по состанокот вицепремиерот Кочо Анѓушев изрази задоволство од работниот состанок на кој, како што рече, имало голем интерес од стопанствениците.

- Ги образложив сите политики на Владата во стимулирање и поддршка на стопанството кои што треба да бидат донесени во текот на септември, како и за  политиката  и програмата која што ќе биде на широка расправа во целата држава вклучувајќи ги и Стопанските комори и академските заедници и јавности сите институции, невладиниот сектор и меѓународната заедница. Наша заложба е македонските и странските стопанственици да бидат подеднакво третирани во државата, а целокупната помош да биде ориентирана според резултатите и порастот на стопанството, а не како список на желби. Се надеваме дека преку таквите мерки кои што ќе се однесуваат и за креирање на работни места и за инвестиции и за подршка за обновување на технологија и многу други мерки кои што ќе ги третираат и големите и малите и средни претпријатија ќе обезбедиме раст на производството во Македонија, а со самото тоа и зголемување на животниот стандард на сите граѓани, изјави Анѓушев.

Претседателот на Регионалната комора Велес Георги Чадиев одговарајќи на новинарско прашање оцени дека изнесените предлози од новата Влада се добри за велешкото стопанство и за целото стопанство во Македонија, бидејќи, како што рече, на состанокот денеска добиле детални образложувања на сите идни програми за стопанството.

Прашан за состојбата во велешкото стопанство Чадиев, рече дека во последните години во Велес освен што биле рестартирани старите фирми биле отворени  и повеќе нови индустриски капацитети.

- За разлика од порано велешкото стопанство последниве години отиде напред и  можам да оценам дека од ден во ден тоа оди напред. Мислам дека сите стопанственици што денеска беа тука успешно работат и се борат за подобра перспектива. Во Велес има невработеност бидејќи не можат да се најдат мајстори и друг кадар, затоа денеска беше и разговарано образованието да се вклучи  за потребите на стопанството и да произведува само такви кадри кои му се потребни на стопанството, изјави Чадиев.