Бизнис
18. January 2020 - 14:23

Ангеловска: 402 милиони евра поврат на ДДВ кон фирмите во 2019 година

Минатата година фирмите добиле поврат на ДДВ од 402 милиони евра или за 7,5 отсто повеќе во однос на 2018 година или дури 44 проценти повеќе во однос на 2016 година. Добрата динамика на повратот на ДДВ продолжува и годинава, што е од големо значење за ликвидноста на фирмите, нивното работење и инвестиции, изјави денеска министерката за финансии Нина Ангеловска на прес-конференција во Владата.

-Во првите 16 дена од јануари е извршен поврат на ДДВ кон фирмите во износ од 926 милиони денари или 15 милиони евра. Со ова продолжува добрата динамика од минатата година во која на фирмите по основ на ДДВ им беше извршен поврат од 401,9 милиони евра. Ова е за 7,46 отсто повеќе во однос на 2018 година, 28,18 проценти повеќе во однос на 2017 година, 44,19 отсто повеќе во однос на 2016 година и 42,46 проценти повеќе во однос на 2015 година. Ова е од исклучително значење за фирмите, бидејќи на овој начин се одржува ликвидноста, потребна за тековно работење, но и планирање на инвестициската дејност, рече Ангеловска.

Таа посочи дека и повратот на ДДВ кон граѓаните во рамки на мерката МојДДВ ќе се изврши следниот месец и тоа за месеците октомври, ноември и декември во 2019, за што повратот изнесува околу 3,8 милиони евра.

– Инаку во првите две тримесечја мерката има одлични резултати – 213 илјади корисници, 52,5 милиони скенирани сметки со промет од 26 милијарди денари, од кои е наплатен ДДВ од 2,8 милијарди денари. Преку наградната игра МојДДВ #МојаНаграда досега се доделени 1,8 милиони денари награди и тоа 340.000 денари дневни награди и 1,5 милиони денари за месечните награди од по 100.000 денари, истакна Ангеловска.

Министерката за финансии посочи дека буџетот е во добра кондиција, дека финансиите се стабилни, како и дека расходите редовно се сервисираат.

– Следниот месец ќе бидат исплатени покачувањата на платите во образованието и пензиите, а во март и покачувањето на платите во здравството, нагласи Ангеловска.