Ангелов: Претпоставувам пожарите кај Штип се подметнати, МВР истражува

По појавата на четврти пожар кај Штип за само неколку дена, Стојанче Ангелов, директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), изјави дека претпоставува оти пожарите се подметнати и рече дека МВР истражува за да открие можни сторители.
-Во олку краток период да има вака сериозни пожари е навистина симптоматично и секако дека нè загрижува. МВР работи на откривање на сторителите и времето ќе покаже дали и кој намерно го предизвикал овој пожар, не само денешниот, изјави Ангелов вечерва во гостување во Дневникот на ТВ Сител.
Посочи дека секој ден низ државата има десетина помали пожари, но состојбата сè уште не е алармантна затоа што вегетацијата е сè уште зелена, дрвјата имаат доста количество вода и засега потешко се запалливи.
-Сè уште не се масивни пожарите, но со престанок на дождовите, тревата се суши, станува лесно запаллива и од неа се палат ниската вегетација и шумите. Проблем е во јули и август кога има голем број пожари во еден ден. Лани рекордот беше 44 пожари во еден ден, а во 2024 имаше 66 пожари во еден ден – во почетокот на јули кога гореше Овче Поле. Максимално сме подготвени со човечки ресурси и опрема, но не може да биде доволно. И економски помоќни држави тешко се справуваат со пожарите во лето, истакна Ангелов.
Посочи дека ДЗС сега има 40-ина пренаменети специјални возила и три ер-трактори се сервисирани. Има четворица пилоти на ер-тракторите, но рече, договара млади пилоти кои ќе ги заменат тие што се во пензија. Соопшти дека има голем број пријавени на неговиот повик до пензионирани полицајци, припадници на армијата и пензионирани пожарникари за возачи на специјалните возила и за оператори на пупми.
Ги повикал, рече, поради нивното искуство, а за справување со пожарите размислува во иднина да се направат тимови од млади луѓе.
Ангелов, кој на чело на ДЗС дојде по раководењето на Центарот за управување со кризи (ЦУК), за ДЗС кажа дека ја затекнал во лоша состојба, особено нејзиното авиоодделение.
-Со моето доаѓање во ДЗС, не знаев што попрво да фатам. Авиоодделението е во катастрофална состојба. Успеав многу работи да коригирам во оваа една година, но таму има уште многу работа. Има одреден број квалитетни луѓе, но тој број не е доволен. Дел од луѓето би рекол дека се заспани минатите 20-ина години, имаат многу поголем капацитет, но се навикнати да работат по линија на помал отпор, оцени Ангелов.
Во врска со иницијативата за спојување на ДЗС и ЦУК во една инститиција и здружување на нивните функции, Ангелов кажа дека работната група во Владата работи на нацрт-верзија на законот за обединување на двете институции.
МИА
Ново на Сител
-

По втор пат во историјата, жена ќе биде главен судија на натпревар од Светско првенство
-

СП 2026: Кејн двоен стрелец во триумфот на Англија над Хрватска
-

УХМР: Најмногу врнежи во Гевгелија, денеска сончево и топло со температура до 34 степени
-

Лидерите на ЕУ во Брисел ќе разговараат за безбедноста, Украина и проширувањето
-

Меморандумот за разбирање прв чекор до конечен мировен договор помеѓу САД и Иран
-

Претставување на национален проект за превенција на семејно и врсничко насилство преку образовниот систем
-

Состанок на министрите за одбрана на НАТО, меѓу нив и Мисајловски
-

Собранието на седница со повеќе законски предлози, ратификации и извештаи
