Македонија
28. November 2017 - 8:58

Ангел Димитров: Македонија и МПЦ исчекорија, на потег се помесните православни цркви

Професор д-р Ангел Димитров е првиот амбасадор на Република Бугарија во независна Македонија. Тој ја предводеше бугарската дипломатска мисија во Скопје од крајот на 1992 година до јули 2001 година. Димитров е историчар и неговата научна кариера е поврзана со Институтот за историски истражувања при Бугарската академија на науките (БАН). Неговите истражувачки интереси се насочени кон историјата на Бугарската преродба (култура и политичка мисла), формирање на бугарската нација, современите односи меѓу Бугарија и Република Македонија, проблемите на Западен Балкан, бугарско-американските односи и бугарската дипломатска историја.

Во интервју за МИА, Димитров, како одличен познавач на состојбите на Балканот, одговори на прашања поврзани со актуелната ситуација во Македонија и регионот.

МИА: Како поранешен амбасадор на Република Бугарија во Република Македонија, дали можете да направите паралела за напредокот на земјата и ваше видување за Македонија во 2000-та година и Македонија денес? 

Димитров: Кога заврши мојата мисија во Република Македонија во јули 2001 година, земјата се уште преживуваше внатрешно-политичка криза, за која не е лесно да се даде конкретна дефиниција. Само една година претходно, домашната политичка ситуација изгледаше стабилна, а вашата млада држава имаше добри можности за напредок, адекватни на македонската желба да ги следи најдобрите европски стандарди. Неколку години по надминување на кризата, хоризонтот на европската и евроатлантската интеграција на Република Македонија, во догледна иднина, изгледаше релативно близок пред државата да пропадне во политичка ентропија, од која до надворешнополитичка изолација ја делеше само еден чекор.

Ангел Димитров

Ако ја погледнеме политичката ситуација сега и пред 17 години, од гледна точка на бугарско-македонските односи, постои парадоксална сличност. И тогаш, како и сега, создадена е нова, позитивна атмосфера за развој на билатералните врски, за која Бугарија отсекогаш била подготвена. Парадоксот е дека претходно носител на позитивна енергија од македонска страна беше ВМРО-ДПМНЕ на чело со Љубчо Георгиевски, а сега е СДСМ со Зоран Заев. Но способноста да се мисли реалистично, да се расчисти со стереотипите од минатото и да се има храброст за вистината и за промени, очевидно не е ексклузивно право само на една партија. Сепак, гаранција за траен успех може да биде само упорната желба за политичка одговорност и прогресивност.

МИА: Различни реакции предизвика писмото што Светиот синод на Македонската православна црква - Охридска архиепископија (ОА) го испрати до Бугарската православна црква (БПЦ), во кое бара таа да биде нивна црква-мајка, доколку ја признаe афтокефалноста на МПЦ-ОА. Се очекуваат и консултации на БПЦ со останатите 14 православни цркви, меѓу кои и Грчката. Каков е вашиот став околу тоа и дали сметате дека ова е црковно или повеќе политичко прашање?

Димитров: Писмото на МПЦ-ОА е добар доказ дека создавањето на нова, далеку попозитивна социјална клима во билатералните односи може да влијае корисно врз сите сфери од животот. Ставот на МПЦ-ОА, всушност не е изненадувачки за оние кои добро ја знаат многувековната црковна историја на Балканот. Охридската архиепископија е создадена по падот на Бугарија под византиска власт (1018 година) и по уништувањето на Бугарската патријаршија како црква на „цела Бугарија“. Во 19. век пак епархиите од денешна Република Македонија стануваат дел од Бугарската Егзархија, како и покрај отпорот на Цариградската патријаршија Високата порта се совпаѓа со резултатите од спроведените референдуми (1874 година). Ако се земе предвид и фактот дека Српската патријаршија моќно ја воспоставува црковната власт врз Вардарска Македонија по Балканската војна, на неканонски начин, а и денес претендира за права над Охридската архиепископија, аргументите на МПЦ-ОА се согласно основните факти од црковната историја. За да биде подобро разбран ставот на МПЦ-ОА можеби е подобро да се подготви документ со кој подетално ќе се објаснат аргументите за нејзината желба да биде во евхаристичко единство со БПЦ.

Црквата е конзервативна институција и желбата за разбирање меѓу црквите, посестрими во Цариградската патријаршија, во православието е канонски долг и традиционален став. БПЦ сигурно ќе направи потребни напори преку црковна дипломатија да ги убеди своите посестрими во правото и потребата на МПЦ да добие автокефалност, поради нејзиното реално служење на православието и достигнување до историска катарза. Сепак, ова е вонредно тешка задача за БПЦ и се надевам дека ќе најде сили да ја прифати. Овој црковен случај може да стане и дел од целокупната грчка позиција околу проблемот со името на Република Македонија.

 	БПЦ.

МИА: Бугарскиот патријарх Неофит во разговор со бугарскиот претседател Румен Радев ја изрази добрата волја на Бугарската патријаршија да се најде начин за успешно решавање на прашањето за афтокефалноста на МПЦ. Патријархот уверува дека за оваа тема ќе се разговара и со останатите помесни православни цркви. Дали ова значи дека се намалува влијанието на Српската православна црква на Балканот, а од друга страна дали авторитетот на Руската православна црква може да биде пресуден во одлуката?

Димитров: Влијанието на СПЦ на Балканот не треба да се преценува. Меѓутоа, таа нема да ја прифати желбата на МКЦ-ОА, и ќе и наметне голема одговорност на БПЦ да ја убеди СПЦ во неопходноста за разбирање, односно да исчезнат илузиите за воскреснување на минатото, туку за вистинскиот црковен живот.

Од друга страна, Руската православна црква без сомневање има голем авторитет, но во нејзините активности не е тешко да се насети дел од руската државна политика. Тоа за БПЦ би бил тежок партнер за убедување во текот на очекуваната црковна дипломатија. 

МИА: Москва покажува многу голема заинтересираност за Балканот со низа активности на политички план. Има ли Русија шанса за „дипломатска победа“ на Балканот, наспроти ЕУ и САД?    

Димитров: Мислам дека можностите на Русија за каква било „победа“ на Балканот се ограничени и политички преценети. Сепак, ова е долга тема која заслужува посебен разговор.

МИА: По вашата дипломатска мисија во Македонија, бевте и амбасадор на Бугарија во Србија. Бидејќи сте добар познавач на состојбите во регионот, кое е вашето мислење за проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан откако Бугарија на 1 јануари 2018 ќе го преземе претседавањето со ЕУ?  

ЕУ Западен Балкан

Димитров: Дури и пред да го преземе претседателството, Бугарија успеа да го сврти вниманието на ЕУ кон потребата од интегрирање на земјите од Западен Балкан. Претседателството е кратко, трае само шест месеци, па не може да се очекува чудо. Но, гласот на Бугарија во ЕУ е веќе доволно авторитативен поради големиот експертски потенцијал и поради енергијата,  со која се бара разбирање за придобивките од интеграцијата на регионот во Европа. Меѓутоа, кога земјите од Западен Балкан имаат јасна, корисна цел, тие не смеат да отстапуваат од европскиот пат и мора да се свесни дека исполнувањето на неопходните критериуми е важно за нивниот напредок.

МИА: Ќе има ли моќ Бугарија да се избори за побрзо интегрирање на балканските земји во европското семејство или нејзината улога ќе биде само модераторско претседателство, наместо суштинско и со наметнување на повеќе агенди?    

Димитров: Бугарија не може да наметне решенија, но би можела да ги предложи врз основа на нејзините одлични познавања за регионот и неговите проблеми. Ако се зачува новата позитивна атмосфера во односите меѓу земјите од Југоисточна Европа и доколку се создаде хармонија меѓу бугарските напори за помош и постојаното одржување на реформаторскиот дух во земјите кандидати, тогаш ќе биде можно да се скуси нивниот пат кон ЕУ.

 МИА: Во кој правец се движи Балканот?      

Димитров: Балканот одамна не е единствен политички простор, така што оквалификувањето на сите држави со една дефиниција е неприфатливо. Некои земји од Западен Балкан се уште политички ја тресат европската територија. Политичката тектонска пукнатина е долж линијата Србија - БиХ и Србија - Косово - Република Македонија. Од македонската политика зависи дали земјата ќе застане на политички здраво тло. Всушност, засега Западен Балкан се движи во вистински правец, но и покрај катаклизмите кои ја потресоа ЕУ и воопшто политичката класа во западниот свет, сепак проевропската и евроатлантската интеграција претставуваат најправилен ориентир.

Договор Заев и Борисов

МИА: Македонија и Бугарија на 1 август потпишаа Договор за добрососедство, пријателство и соработка. Дали сметате дека овој документ е историски чекор напред и може ли тој да придонесе за побрзо интегрирање на Македонија во ЕУ и НАТО?        

Димитров: Договорот за добрососедство потпишан на 1 август го содржи она што е постигнато во Декларацијата на двајцата премиери од 1999 година, а сега обемот на соработка и взаемна корист се прошири поради новата надворешно-политичка позиција на Бугарија, а тоа е нејзиното членство во ЕУ и НАТО. Ова не е само израз на политички континуитет во реалистичкото размислување, туку и доказ дека поволната ситуација создадена за напредок во билатералните односи може да биде пример за успех во Југоисточна Европа. Всушност, договорите потпишани меѓу двете влади на средбата во Струмица ја потврдуваат важноста што Договорот ја има како ориентир за интензивна и плодна комуникација за двете земји. Договорот е навистина солиден чекор напред и не беше случајно високо оценет од страна на ЕУ, САД и НАТО. Во таа смисла, по неговата ратификација, можностите на Македонија да го забрза својот пат кон посакуваните структури се многу подобри.

Габриела Точко/МИА