Македонија
5. July 2024 - 16:37

„Да ги пуштиме нозете колку ни е долга чергата“ рече Мицкоски за барањето 450 евра минималец

Неизвесно е зголемувањето на минималната плата. За барањето на синдикатите во првите сто дена од новата влада најниската плата да скокне на 450 евра, Мицкоски рече „да си ги пуштиме нозете колку што ни е долга чергата“. Според него, претходното раководство ја уништило државната каса и сега состојбата била катастрофална.

„Буџетот во каква состојба е сега, прашање е како и тоа што е редовно досега ќе се исплати. Во последниве седум години тајфун поминал низ државава и не само што ја ограбил, туку и жестоко ја уништил. Се надевам дека во првите 100 дена ќе имам можност да седнам со синдикатите, со министрите за финансии, за економија и труд и за социјална политика демографија и млади, и да поразговараме и да им ги покажеме бројките за да видат со што се соочуваме, а бројките се катастрофални“ – Христијан Мицкоски, премиер

Од ССМ стојат на ставот дека минималецот мора да се зголеми, а ако нема доволно пари Владата треба да си најде начин.

„Доколку некој мисли дека нема пари, треба соодветно да си ги обезбеди. Најпрво за во приватниот сектор да се појачаат платите, а понатаму и во јавниот сектор. Да не заборавиме дека буџетот во која било држава, народски кажано е бунар без дно. Значи може да поминал тајфун пред месец, два, три или една година, меѓутоа граѓаните се даночни обврзници и вработените секојдневно си го полнат буџетот. Буџетот може да се испланира добро, може функционерските плати што пораснаа 80% да се вратат на старите плати и со тоа да видите како за месец-два, три ќе обезбедите пари во буџетот и ќе ги задоволите потребите и на граѓаните и на работниците и на пензионерите“ – Иван Пешевски, ССМ

Вчера новиот министер за економија и труд рече дека за растот на минималната плата ќе се разговара уште на првата седница на економско-социјалниот совет, но не кажа кога ќе се одржи тој состанок.