Американскиот Сенат не ја усвои резолуцијата за замрзнување на воената помош за Израел
Американскиот Сенат не усвои резолуција со која ќе се замрзне воената помош за Израел доколку Стејт департментот не поднесе извештај во рок од 30 дена за тоа дали Израел ги прекршил човековите права во својата кампања против Хамас во Појасот Газа.
Резолуцијата ја поднесе Берни Сандерс, сенатор од сојузната држава Вермонт, но 72 сенатори гласаа против, наспроти 11 кои го поддржаа предлогот.
-Мораме да обезбедиме американската помош да се користи во согласност со човековите права и нашите сопствени закони, рече сенаторот Сандерс, жалејќи се поради тоа што Сенатот не ги разгледа мерките кои влијаат на ситуацијата на палестинските цивили во Газа.
Резолуцијата на Сандерс беше поднесена според Законот за надворешна помош, што му дозволува на Конгресот да му нареди на Стејт департментот да објави извештај за човековите права и други информации за која било земја на која САД и даваат воена помош, пренесуваат британските медиуми.
Доколку резолуцијата беше усвоена, Стејт департментот ќе требаше да поднесе извештај до Конгресот во рок од 30 дена.
По добивањето на извештајот, Конгресот може да разгледа дополнителна резолуција со која се предлагаат промени во безбедносната помош за Израел.
И покрај огромниот пораз на оваа резолуција во Сенатот, постои зголемена загриженост, особено кај левоориентираните гласачи на американскиот претседател Џо Бајден, за испораката на американско оружје за Израел, и покрај големиот број палестински жртви во Појасот Газа, наведуваат британските медиуми.
Белата куќа соопшти дека се противи на резолуцијата.
Сенаторите кои гласаа против велат дека испраќа погрешна порака во време кога Израел вели дека преминува кон попрецизно лоцирање на целите во Појасот Газа.
-Оваа резолуција не само што е неоснована, туку и опасна. Таа испраќа апсолутно погрешен сигнал во погрешно време, прокоментира републиканскиот сенатор Линдзи Греам.
САД секоја година му даваат на Израел воена помош од 3,8 милијарди долари, вклучувајќи борбени авиони и бомби кои можат да ги уништат тунелите на Хамас, додека Бајден побара од Конгресот да одобри дополнителни 14 милијарди долари помош за Тел Авив.
Ново на Сител
-
Како земјите ширум светот ја одбележуваат смртта на Папата
-
Мицкоски: Папата Франциск беше глас на совеста во време на глобални предизвици
-
Фон дер Лајен: ЕУ ќе ги спроведува дигиталните правила без оглед на тоа кој е сопственик на компаниите
-
Допис на епископот Стојанов по повод упокојувањето на папата Франциск
-
Папата Франциско ќе биде погребан најдоцна за девет дена, соопшти Ватикан
-
Писмо од скопскиот бискуп Киро Стојанов по повод упокојувањето на папата Франциск
-
По смртта на папата, Римокатоличката црква влегува во период на „празна столица“
-
Ѕвоната на катедралата Нотр Дам заѕвонија 88 пати