Македонија
18. јуни 2021 - 9:27

Активни 413 случаи со Ковид-19, вакцинирани 265.164 граѓани

Активни со Ковид-19 се 413 случаи во државава, од кои 158 се во Скопје. На инфективните одделенија се лекуваат 90 пациенти со Ковид-19 од кои 26 во Скопје, а 64 во ковид-центрите во другите градови.

Според вчера објавените податоци од Институтот за јавно здравје, од направени 3.529 тестирања, регистрирани се 10 нови случаи со Ковид-19, 18 оздравени пациенти и нема починати.

Вкупниот број Ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 155.593, бројот на оздравени пациенти е 149.708, а на починати е 5.472.

Министерството за здравство соопшти дека завчера биле аплицирани 4.299 вакцини. Досега се вакцинирани вкупно 265.164 лица, а за вакцинација се пријавиле 453.180 граѓани.

– Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата. Интересот за вакцинација секојдневно се зголемува, а досега бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 453.180 граѓани, посочија од Министерството за здравство.

На вакциналните пунктови во државата заклучно со завчера вакцинирани се вкупно 265.164 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 2.036 граѓани, а во текот на вчерашниот ден вкупно се вакцинирале 4.299 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 462.415 дози вакцини, а ревакцинирани се 197.251 граѓани.

Со последните бројки барем една доза вакцина имаат примено 48 отсто од населението над 70 години ,  42 проценти од оние над 65 години и 36 отсто од граѓаните над 60-годишна возраст.

Вакцинацијата се спроведува согласно Националниот план за имунизација. Се вакцинираат возрасни лица, граѓани кои искажале интерес за вакцинација на веб страницата vakcinacija.mk а се вакцинираат и лица вработени во критична инфраструктура. Масовна вакцинација се одвива во неколку градови во државата и тоа во А1 СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп.

Министерството за здравство апелира до граѓаните масовно да се пријавуваат на vakcinacija.mk бидејќи тоа е најлесниот и најбрз пат да се вакцинираат.

Од канцеларијата на Светската здравствена организација (СЗО) во Африка вчера предупредија дека третиот бран на инфекција со Ковид-19 се „интензивира и забрзува“ на тој континент со разни соеви и повикаа на поголемо снабдување со вакцини.

– Бројот на случаи на инфекција „расте 22 проценти неделно“ на целиот континент, нагласи на виртуелна прес-конференција д-р Махидисо Моети, директор на СЗО за Африка.

Таа повика на зголемување на испораката на вакцини. – На Африка и се потребни дози тука и сега за да се запре третиот бран, рече Моети.

СЗО соопшти дека досега се целосно вакцинирани речиси 12 милиони луѓе, но дека тоа претставува помалку од еден процент од населението на континентот.