Ако Русите не го продадат НИС за 50 дена, ќе воведеме принудна администрација, најави српскиот претседател

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека, доколку САД не одобри нова лиценца за Нафтена индустрија на Србија (НИС), и доколку стапат во сила секундарни санкции против Народната банка на Србија и комерцијалните банки, последиците, покрај прекините во снабдувањето со гориво, ќе вклучуваат и прекин на плаќањата, плаќањата со картички, па дури и прекин на одобрувањето на кредити.
На вонредното обраќање, Вучиќ рече дека „се соочуваме со големи проблеми“.
„Рафинеријата во технолошкиот процес на таканаречената топла циркулација, односно – се уште не е исклучена, но нејзиниот режим на работа е понизок од вообичаениот. Ова значи дека имаме уште четири дена до целосно запирање на работата доколку лиценцата не биде одобрена од американскиот OFAC, да ја преведам – американската влада“, рече Вучиќ.
„Тие се надеваа и очекуваа“ дека лиценцата ќе биде продолжена вчера, но врз основа на разговорот со службените лица, тие заклучија дека има повеќе работи што сакаат да „слушнат, видат и примат“ за да разгледаат и евентуално да донесат позитивна одлука за издавање лиценца за продолжување на работата од 45 до 60 дена.
Според него, експертите се на мислење дека, ако Рафинеријата престане, ќе бидат потребни 14 дена за рестартирање, но дека секогаш е потребно подолго – „20 дена или повеќе“. Според него, сигурно е дека рафинеријата нема да може да работи до Нова година без продолжување на лиценцата, „а прашањето е како би работела потоа“. Рафинеријата во Панчево е во сопственост на руски Гаспром њефт
„Се уште се надеваме – денеска и утре да ја добиеме оперативната лиценца“, рече Вучиќ.
Сепак, тој рече дека постои 60 проценти веројатност лиценцата да не биде доделена.
„Доколку САД не одобри нова лиценца за оперативни работи, ни се закануваат бројни последици. Прво на сите, ова се таканаречените секундарни санкции. Народната банка на Србија доби предупредување, како и сите комерцијални банки кои соработуваат со НИС, дека можат да бидат предмет на санкции. Со тоа конечно и дефинитивно ги ставаме во опасност нашите комерцијални банки и НБС“, нагласи Вучиќ.
Како што рече Вучиќ, може да има суспензија на платните трансакции, трансакциите со населението, плаќањата со картички, одобрувањата на кредити…
Вучиќ рече дека претходно добил гаранции дека нема да има секундарни санкции и дека овој устен договор сигурно ќе трае денес и утре, се додека Американците не ја информираат јавноста дали го одобриле или прифатиле барањето на НИС за издавање посебна лиценца.
Вучиќ презентираше некои други последици од санкциите.
„Доколку не го одобрат барањето, функционирањето на здравствениот систем, пред се на службите за итни случаи, ќе биде загрозено“, рече Вучиќ, додавајќи дека се ќе биде „без проблеми“ до 15 јануари.
Тој изјави дека трговските синџири, снабдувањето со храна, снабдувањето со електрична енергија, транспортниот систем ќе бидат загрозени, а прашањето е „дали ќе имаме аранжман за гас“. Секако, во тој случај, се очекуваат повисоки цени на горивата.
„Ако мора да увезувате деривати, трошоците за транспорт се зголемуваат, цената се зголемува, ова ја зголемува инфлацијата и носи нови проблеми“, рече Вучиќ, додавајќи дека снабдувањето на земјоделците со субвенционирана цена на гориво исто така ќе биде загрозено.
Тој рече дека во 2008 година, кога НИС беше продаден на Русите за 400 милиони евра, Делоит ја процени неговата вредност на 2,2 милијарди.
Тој уште еднаш спомена дека нема да има национализација на НИС.
„Доколку нема договор за купопродажба за 50 дена, нема да има веднаш национализација, но ќе воведеме наша администрација и ќе им понудиме највисока можна цена на нашите руски пријатели“, рече Вучиќ.
МИА
Ново на Сител
-

Сиљановска-Давкова: Фемицидот е еден од најтешките општествени проблеми со коишто сме соочени
-

Од утре до сабота ќе преовладува претежно облачно време со повремени врнежи од дожд
-

НИС соопшти дека останале без нафта; НБС - Прекинуваме платен промет со НИС ако не добие лиценца
-

Лавров: Русија ја чека преодната верзија на американскиот план за Украина
-

Ако Русите не го продадат НИС за 50 дена, ќе воведеме принудна администрација, најави српскиот претседател
-

33-годишен затвореник починал во Охридската болница
-

ОЈО поведе постапка против пет лица за злоупотреби со стоковите резерви
-

Приведен албански државјанин поради „криумчарење мигранти“, пронајдени седум лица од Египет и едно од Судан
