Македонија
6. јуни 2020 - 8:18

Ахмети посака Албанец премиер, Заев му порача дека нема да биде дел од идната Влада

Лидерот на ДУИ Али Ахмети на 18-годишнината од партијата посака Албанец за премиер. Ова побуди низа реакции кај политичките субјекти во земјава. СДСМ како коалициски партнер му порача на ДУИ дека ако ова е услов за владина коалиција, тогаш ДУИ нема да биде дел од идната Влада. За албанските партии ваквата идеја на ДУИ е популистичка, а Ахмети нема легитимитет да зборува за потребите на граѓаните.

Во обраќањето по повод полнолетството на партијата во кое Ахмети говори за придобивките на албанскиот народ во изминатите 18 години, меѓу другото вели дека следната цел што треба да ја реализираат е Албанец за премиер.

– Ние го започнавме овој пат заедно пред 18 години, Заедно се соочивме со секој предизвик и веруваме еден во друг, Заедно ги определивме и ги остваривме нашите цели и на оваа толку важна годишнина за сите нас, заедно да ја определиме нашата следна цел почнувајќи од следните избори, да ја реализираме определбата за да избереме ценета, почитувана и докажана личност, таа или тој кој што ќе го избереме заедно, за првиот Албанец премиер на земјава, наведе Ахмети.

Мандатар за претседател на Влада може да биде секој граѓанин кој ќе обезбеди поддршка од најмалку 61 пратеник, му порача лидерот на СДСМ Зоран Заев на Ахмети.

 

– Доколку СДСМ победи на изборите, јас сум кандидатот за претседател на Влада и ќе бидам премиер кој еднакво се бори за подобар живот на сите граѓани на Северна Македонија, нешто што го докажав низ сите мои политики изминативе години. Соодветно на тоа, доколку ДУИ има ваков услов за коалиција за Влада, тогаш ДУИ нема да биде дел од идната Влада, реагираше Заев во објава на Фејсбук.

 

И лидерот на „БЕСА“, Биљал Касами се огласи на Фејсбук оценувајќи дека идејата на ДУИ во околности кога веќе има одредени списоци за кандидати за пратеници и паузиран изборен процес, е популистичка со цел да се соберат политички поени.

– Фрлањето на оваа идеја во овој момент повеќе како може да се толкува дека ДУИ ќе оди во опозиција и пред своите гласачи за да се оправда дека тие не добиле премиер од своите редови и мора да одат во опозиција. Не е спорно дека Албанците во иднина може да имаат премиер во Северна Македонија, но тешко дека ова ќе биде кадар на ДУИ се додека тие не се борат против криминалот и корупцијата во нивната партија. Албанците во Северна Македонија одамна се срамат да се идентификуваат со политиките и политичарите во рамките на ДУИ, кои газеа сè што е албанско за време на своите 18 години на власт, напиша Касами на Фејсбук.

Според него, неуспесите на 18-годишното владеење на ДУИ не можат да бидат покриени со, како што вели, пуштање на „една рака муви“ за барање за премиер Албанец.

Сличен став изнесе и Алијансата на Албанците која преку соопштение го окарактеризира 18-годишното владеење на ДУИ како години исполнети со неуспеси, неисполнети ветувања и коруптивни скандали.

– Ако Демократската унија за интеграција ја исполнеше својата обврска кон граѓаните за сите дадени ветувања и ако беше искрена во идејата за албанско владеење а не консензуално, вие би го поддржале кандидатот за албански претседател на претседателските избори. Но, вие се одлучивте за консензуален претседател, а оваа поддршка беше само ваша политичка игра во замена за партиски интереси со цел да победите неколку општини на локалните избори што знаевте дека сте ги изгубиле, наведе Алијанса за Албанците во соопштението.

Во земјава се уште не е определен датум за одржување на предвремените парламентарни избори. Изборите требаше да се одржат на 12 април, но беа пролонгирани поради епидемијата со корона вирусот. Оттогаш партиите не можат да се договорат за датумот за избори. СДСМ како последен термин го нуди 5 јули, додека ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека избори во овој период не се возможни поради актуелната ситуација со коронавирусот.