Администрацијата на Трамп ги нарекува градовите предводени од демократите „воени зони“
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп го прогласи Чикаго за „воена зона“ за да може таму да испраќа војници, додека припадниците на Калифорниската Национална гарда се распоредени во Портланд, Орегон, уште еден град предводен од демократите, и покрај блокадите на судовите.
– Тоа е воена зона. Неговиот град е воена зона, а тој лаже за да можат криминалците да влезат и да ги уништат животите на луѓето, изјави министерката за внатрешна безбедност Кристи Ноем за „Фокс њуз сандеј“, осврнувајќи се на градоначалникот на Чикаго, Брендон Џонсон, кој ги осуди „неуставните мерки“.
Ноем тврди дека бандите, картелите и другите „познати терористички организации“ нудат награди на демонстрантите за да се соочат со агентите на американската Служба за имиграција и царина (ICE).
Трамп во саботата потпиша наредба за испраќање 300 припадници на Националната гарда во Чикаго за „заштита на федералните агенти и имотот“, соопшти Белата куќа.
Демократите ја критикуваа одлуката, вклучувајќи го и Дик Дарбин, сенатор од Илиноис, државата каде што Чикаго е најголем град. Тој верува дека републиканскиот претседател не сака да се бори против криминалот, туку „шири страв“.
– Тие се оние што го претворија овој град во воена зона, изјави демократскиот гувернер на Илиноис, Џ.Б. Прицкер, за Си-Ен-Ен во неделата, опишувајќи ги рациите и повикувајќи војниците да се повлечат.
Гувернерот во соопштение ја нарече одлуката на Белата куќа „инвазија на Трамп“.
– Нема никаква причина да се испраќаат војници во Илиноис или во која било друга држава без знаење, согласност и соработка на локалните власти, се додава во текстот.
Анкета на Си-Би-Ес објавена во неделата покажува дека 58 проценти од Американците се против испраќање на Националната гарда во американските градови.
Трамп веќе испрати војници во Лос Анџелес, Вашингтон и Мемфис во последните месеци, секој пат со противење од локалните власти.
Таквата одлука за Портланд е привремено блокирана од две судски одлуки. Федералната судијка Карин Џ. Имергут нагласи во првата пресуда дека „немало бунт или закана за националната безбедност“ во градот.
Гувернерката на Орегон, Тина Котек, во неделата објави дека контингент од 101 припадник на Националната гарда од Калифорнија е распореден во нејзината држава и покрај првата пресуда, принудувајќи го судот да издаде втора пресуда за запирање на распоредувањето на трупи од Калифорнија во Портланд.
МИА
Ново на Сител
-
Трамп верува дека ќе биде постигнат мировен договор за Појасот Газа
-
Без струја утре дел од скопските населби Аеродром и Ѓорче Петров
-
Пад на инфлацијата во септември во однос на претходниот месец за 0,2 отсто
-
Без вода утре остануваат повеќе улици во општините Центар и Аеродром
-
ЈО: Првичните индиции не упатуваат на политички мотиви зад оружениот инцидент во Куманово
-
Брутална тепачка во Виница, маж со скршен череп и во кома по пресметка пред ресторан
-
Пукање во Куманово, ранет кандидат за советник во Липково
-
Почнува пријавувањето за бесплатна вакцинација против сезонски грип на ризичните групи, набавени рекордни 80.000 дози