25% од учениците на 15 и 16 години се коцкале за пари во последната година

По повод Меѓународниот ден на младите, ХЕРА Млади и Иницијативата „Фрли ја коцката!“ со герила акција во Скопје предупредија на сè поголемата присутност и нормализација на коцкањето и обложувањето меѓу младите.
Особено загрижувачки се податоците за најмладите. Според националното истражување ЕСПАД 2024, 25 отсто од учениците на возраст од 15 до 16 години во Северна Македонија се коцкале за пари во последните 12 месеци. Кај момчињата процентот е 34 отсто, а кај девојчињата 16 отсто.
Дополнително, кај учениците кои се коцкаат, уделот на проблематично коцкање се зголемил од 4,5 отсто во 2019 година на 7,6 отсто во 2024 година, што според иницијативите е сериозен аларм за институциите.
Од ХЕРА Млади велат дека казината, обложувалниците, онлајн платформите и рекламите за „брза добивка“ се лесно достапни во време кога младите се соочуваат со финансиска несигурност, невработеност, проблеми со менталното здравје и желба за иселување.
Тие предупредуваат дека коцкањето не треба да се гледа само како финансиски проблем, туку и како прашање на јавното и менталното здравје. Светската здравствена организација ги поврзува штетите од коцкањето со долгови, нарушени семејни и социјални односи, депресија, анксиозност и зголемен ризик од суицидалност.
Младите бараат построга контрола на обложувалниците во близина на училиштата, ограничување на рекламите за игри на среќа, особено онлајн, ефикасна проверка на возраста и подобра заштита на малолетниците. Бараат и финансиската писменост, превенцијата од зависности и менталното здравје да бидат дел од образованието.
„Не сакаме нашата држава младите со горчина да ја ословуваат како ‘Република коцкарска Македонија’“, порачаа од ХЕРА Млади и „Фрли ја коцката!“, додавајќи дека во општеството понекогаш е полесно да се најде обложувалница отколку културен центар.
ЕСПАД е меѓународно истражување кое ги следи ризичните однесувања кај ученици на возраст од 15–16 години; во 2024 година истражувањето опфатило повеќе од 113.000 ученици во 37 европски земји.
Ново на Сител
-

Рубио: Притисокот на САД врз сојузниците во НАТО да вложуваат повеќе во одбраната не е непријателска работа
-

Трамп: Секој што го користи терминот вештачка интелигенција е „непријател“
-

Алармантни бројки од Онкологија: Лани откриени 1.000 нови случаи на рак на дојка, 7.000 заболени се на активен третман
-

Муцунски: Добрососедските односи се суштински за европска интеграција, Коридорот 8 овозможува тој принцип да се оствари
-

Жена нападната и расечена со остар предмет од партнерот во Скопје
-

Кривична за угостител од Дебар, послужил алкохол на малолетник кој подоцна физички нападнал свој врсник
-

Повторно искршено детско игралиште во Кисела Вода: „Неколку пати се поправаше, сè е за ништо“
-

Кај 43-годишник од скопско пронајдени пушка, пиштол, муниција и шприцови со масло од канабис
