Свет
1. January 2016 - 10:58

2015 е зад нас, светот повторно е соочен со тероризам и судири

Хина - Загреб

Во светот, а посебно во Европа, најголем проблем изминатата година беше незапамтената преселба на бегалците и мигрантите, кои веќе со месеци пристигнуваат во огромен број незапамтен од Втората светска војна и полека го уриваатт европското единство и ефективноста на институциите на Европската унија, која се покажа целосно неподготвена да управува со таква криза.

Стариот континент оваа година го потресоа два страшни напади од исламистичките терористи во Париз, на карикатуристите од Шарли Ебдо и „декадентната‟ младина во излегувањата во петок навечер, но од терористички удари со голем број на жртви не беа поштедени ни Турција, Тунис, Кенија, Мали и Америка.

Самонаречената Исламска држава, т.е. Даеш и понатаму ги држи освоените територии во Сирија и Ирак, иако е изложена на воздушни напади од Американците, Французите, Британците и другите сојузници, а од крајот на годината и од Русите. Турското рушење на рускиот ловец на враќање од мисија во Сирија ги спушти меѓудржавните односи на најниско ниво во модерната историја.

Во Париз на крајот на годината е постигнат историски договор за климата кој треба да ја спаси Земјата од глобално затоплување, по повеќе од 100 години се помирија Америка и браќата Кастро, Иран и западните сили конечно се договорија за нуклеарната програма, а за прв пат се состанаа претседателите на Кина и Тајван.

Грција и понатаму е „должна како Грција‟, но премиерот Алексис Ципрас, кој е избран на платформата на противењето на меѓународните кредитори, по цела година натегање со меѓународните институции, референдуми, оставки и повторни избори, сепак коперникански попушти и ги прифати болните платформи во замена за продолжување на меѓународната помош.

Оваа година владата на изборите убедливо ја одбранија Дејвид Камерон во Велика Британија и Реџеп Тајип Ердоган во Турција, а партијата на муслиманската активистка и добитничка на Нобеловата награда за мир Аугун Дан Суу Куи во декември оствари историска изборна победа.

Римокатоличката Ирска стана прва земја која со референдум ги озакони истополните бракови, а папата Франциско кој и самиот како претходникот Бенедикт, мораше да се соочи со скандалот Vatileaks 2 во кој протекоа документи за расипништвото на неговите кардинали, ја прогласи Светата година на милосрдието.

НАСА откри дека на Марс постои течна солена вода и со леталото New Horizon успеа да се приближи до Плутон на само 12,5 илјади километри, а на самиот крај на годината во една друга и далечна галаксија на филмското платно повторно се најдоа Хан Соло, Лук Скајвокер и принцезата Леа.

Преселба на народите

Кога, некаде од летото, многу опасниот премин на Средоземното Море во преполнети чамци кон италијанските и грчките острови, при што во само една хаварија во април се удавија можеби 800 луѓе, беше заменет со многу посигурниот премин на копнената турско-грчка граница како преференцијален начин на мигрантите да се обидат да стигнат до Европа, одеднаш дневните бројки на барателите на спас и подобар живот од неколку стотици прераснаа во неколку илјади. Многу од нив ја одбраа Германија како ветена земја, посебно откако канцеларката Ангела Меркел упати многу апели да дојдат и им вети престој, заслужувајќи поради својот хуман однос кон бегалците титула на лице на годината во избор на списението Time, кој ја нарекува „канцеларка на слободниот свет‟.

Европа истовремено неуспешно се занимаваше со прераспределбата на 160.000 бегалци кои веќе со месеци беа во Италија и Грција. Предлогот за квотата предизвика длабоки поделби меѓу членките. Неколку од нив, на чело со Германија бараа солидарност од сите членки и сразмерно прифаќање во согласност со можностите, дел од земјите мудро се држеа на страна, а земјите од централна Европа собрани во Вишеградската група ги одбија квотите, со напомена дека Словачка поради нив дури поднесе тужба против ЕУ пред Европскиот суд на правдата.

Премиерот на Унгарија Виктор Орбан ја презеде на себе заштитата на континентон и „европските христијански вредности од бегалците кои изгледаат како војска‟ и подигна ограда долж целата граница со Србија, а потоа и кон Хрватска. Поради тоа доживеа многу критики од европските партнери, а потоа нешто подоцна и Словенија почна да поставува бодликава жица на границата со Хрватска, но и Австрија на еден мал дел кон Словенија, што е прв таков случај внатре во шенгенскиот простор.

Реагирајќи на изјавите на некои свои лидери дека и се заканува распад и свесна дека може да го изгуби тлото под нозете, Европската унија последните месеци во годината организираше цела серија состаноци на сите нивоа и договори некои мерки со кои ќе настојува да го намали приливот на бегалци, од воспоставување на трајни прифатни центри и бегалски кампови во Турција, на која за таа цел и се овозможени големи парични средства, до најновата идеја за воспоставување на единствена европска гранична полиција која би ги обезбедувала надворешните граници на унијата, на која веќе сега многумина се противат. Но, прашање е колку тоа ќе има успех бидејќи конкретните потези на терен за сега или ги нема или се многу бавни. А бегалците, кои оваа година во Европа стигнаа над еден милион и понатаму пристигнуваат.

Градот на светлината завиен во црно

Почна на 7 јануари, иако никој се уште не беше свесен за тоа дека се работи за почеток. Во срцето на Европа се одвиваа призори кои Европјаните до тогаш ги гледаа само на телевизија од други континенти и далечни земји. Во Париз се случи незамисливото, изведен е вооружен напад на седиштето на сатиричкиот весник Шарли Ебдо во кој беа убиени 12 луѓе, од кои осум членови на редакцијата, меѓу кои и карикатуристите Кабу, Шарб, Оноре, Тогнус и Волински, додека 11 луѓе беа ранети.

Нападот со јуришни пушки го изведоа браќата Шериф и Саид Коачи, француски државјани со арапско потекло, кои по два дена ги убија француските специјалци во местото Даммартин-ен-Гоеле северно од Париз. Напаѓачите тврделе дека припаѓаат на Ал Каеда на Арапскиот полуостров, огранок на светската терористичка мрежа која потоа ја презема одговорноста за нападот во соопштение во кое наведува дека водачот на Ал Каеда Ајман ал-Завари наредил напад поради карикатурите на пророкот Мухамед кои ги објавувал Шарли Ебдо.

Истовремено еден од помошниците на браќата Коачи, Амед Колибали, на 8 јануари прво убил полицајка во Монтро, а по еден ден во провавница на кошер производи на источниот крај на Париз убил четири лица од еврејска вероисповед во тек на заложничка криза која завршила ист ден во полициски напад во кој Колибали бил убиен.

Париските напади имаа голем одек во светот, што се огледа во масовните протести за поддршка во Франција и во светот. На „Маршот за Републиката‟ во Париз, меѓу милион и пол учесници беа 44 претседатели на држави и влади, а во два дена на митинзите под мотото „Je suis Charli‟ (Јас сум Шарли) во Франција имаше 4 милиони луѓе.

Изданието на Шарли Ебдо број 1178, кое требаше да излезе на 7 јануари, на денот на нападот, излезе по една недела во тираж од осум милиони примероци, што исто така беше искажување на солидарност со весникот, бидејќи неговиот редовен тираж изнесувал само околу 30.000 примероци. Втора и уште полоша средба со тероризмот Париз имаше во петокот, на 13 декември, кога во напади на седум локации беа убиени 130 луѓе, а над 350 беа ранети. Најмногу жртви, речиси 90 имаше во салата Батаклан, во која 1500 луѓе се собраа на концерт на американската рок група Eagles of Death Metal.

Останатите се убиени во пукање и во самоубиствени напади по париските угостителски локали и пред фудбалскиот стадион во Сент Денис на кој се играше натпреварот меѓу Франција и Германија, кој во живо го следеа над 70.000 гледачи, вклучувајќи го и претседателот на Франција Франсоа Оланд.

Убиени се седум од осум напаѓачи. Франција покрена најголема истрага во поновата историја, ги затвори границите и прогласи вонредна состојба, а во полициската рација во Сент Денис на 18 декември беше убиен Абделхамид Абауд, кој се сметал за мозок на целата организација. Во Франција, Белгија, но и во другите земји се уапсени десетици осомничени за поврзаност со париските напади, но осмиот учесник во нападите, Салех Абдеслам, се уште не е најден и тој се бара интензивно.

Двата терористички напади во Париз предизвикаа најголемо медиумско внимание и сочувство, но брутални удари имаше и на други места. Во март тројца терористи влегоа во Националниот музеј Бардо во Тунис и убија 22 туристи, повеќето од нив Европјани. Двајца напаѓачи, туниски државјани, на место биле убиени од полицијата, а третиот избегал. За нападот во кој биле ранети 50 луѓе, одговорност презема Исламската држава.

Во јуни 23-годишниот Сеифедин Резгу отворил оган на плажа недалеку од познатото летувалиште Суса во Тунис и убил 38 туристи пред и самиот да биде убиен. На плажата стигнал облечен како турист, а калашниковот го сокрил во чадорот. Одговорноста повторно ја преземаа џихадистите.

Крвави напади лани не вршеа само припадници на Даеш и неговите филијали. Сомалиската исламистичка група Ал-Шабаб на 2 април нападна унивезитет во кенискиот град Гариси, при што се убиени 152 лица, меѓу кои 142 студенти. Еден од нај крвавите напади на таа група ќе остане запамтен по фактот дека напаѓачите меѓу заложниците ги двоеле муслиманите и ги убивале само христијаните.

Во две речиси истовремени експлозии во текот на протестите за мир во Анкара на 10 октомври убиени се 102 лица, а околу 500 се ранети. Одговорноста за нај смртоносните напади во историјата на Турција се уште не ја презел никој, но истрагата се сомнева на три можни налогодавци – ИС, Работничката партија на Курдистан и Партијата на револуционерниот фронт за народно ослободување.

За нападот на хотелот Радисон Блу во главниот град на Мали, Бамако на 20 декември, во кој се убиени 27 луѓе, вклучувајќи и двајца напаѓачи, одговорноста ја презема исламистичката група која ја води Моктар Белмоктар, поранешен воен командант на Ал-Каеда.

Американците на крајот на годината сведочеа и на терористички напад на свое тло кога на 2 декември 14 луѓе беа убиени и над 20 ранети во престрелка во регионалниот центар за лица со потешкотии и посебни потреби во Сан Бернардино во Калифорнија. Двајца луѓе вооружени со калашникови, брачниот пар Суад Ризван Фарук и Ташфен Малик, влегле на предбожикна забава и почнале да пукаат на вработените, а потоа биле убиени во престрелка со полицијата. Полицијата верува дека се работи за терористички чин, а иако не е најдена директна врска со ИС, факт е дека Малик непосредно пред нападот на Фејсбук оставил порака во која зборува за лојалноста на таа организација.

Историски договори и помирувања

На самиот крај на годината Франција беше домаќин на настан кој за светот може да значи повеќе од било што друго што се случи оваа година. Во големиот конференциски комплекс Буржо во близина на Париз, од 30 ноември до 12 декември, 30.000 дипломати и пратеници од 195 земји, меѓу кои претседатели и премиери на нај влијателни држави во светот, се обидоа да постигнат договор за намалување на емисијата на штетните гасови за Земјата и природата, на конференција за климата позната како COP21.

И успеаја, иако малкумина во тоа навистина веруваа познавајќи ја историјата на климатските преговори, кои најчесто завршуваа со тешки судири и хаос. Постигнат е глобален договор, со кој се опфатени сите земји, независно од степенот на развиеноста, во кој главни точки беа ограничување на растот на глобалната температура до крајот на векот на најмногу 15 Целзијусови степени, во однос на прединдустрискиот период и издвојување на милијарда долари годишно за финансирање на земјите во развој по 2020 година, кога договорот ќе стапи на сила.

Целиот свет беше воодушевен од постигнувањето на „историската победа за планетата‟, но допрва треба да се види дали и во која мера договорот навистина ќе се спроведува, а секогаш трезвените експерти веќе предупредуваат дека обврските кои ги преземаа земјите учеснички не се доволни за остварување на зададените цели.

Минатата година на големо ја означија и вистинското, конкретно приближување на до неодамна архетипските политички непријатели САД и Куба, кое почна на 11 април со историската средба на Барак Обама и Раул Кастро на Самитот на Америка во Панама, прв меѓу претседателите на двете држави од 1956 година. Кон крајот на јуни следеше уште еден важен чекор кон обновата на целосни дипломатски односи, бидејќи САД одлучија да ја отстранат Куба од пописот на земји покровители на тероризмот. И конечно на 1 јули, САД и Куба официјално повторно воспоставија дипломатски односи и постигнаа договор за отварање на амбасади во Вашингтон и Хавана.

При секој чекор двете земји истакнуваа дека меѓу нивните политики и понатаму постојат големи разлики, но тоа повеќе не е причина да бидат непријатели.

Со помала помпа, но по уште подолг период, во декември беше дочекана историската средба на претседателите на Кина и Тајван. Кси Џипинг и Ма Јинг се први претставници на своите земји кои се сретнаа од 1949 година, кога во кинеската граѓанска војна поразените националисти на Чанг Кај-шек, масовно дошле на островот своевремено познат под името Формоза и таму воспоставиле нова држава која ја нарекле Република Кина. Џи и Ма се состанаа на неутрален терен во Сингапур, а за тоа колкав пат им преостанува за каква-таква нормализација на односите најдобро зборува податокот дека Џи и Ма меѓусебно се обраќале со „господине‟, а не со „претседателе‟, бидејќи ниту една држава не го признава постоењето на таа другата.

И тоа се случи. По повеќе од 10 години разговори, преговори, натегања, закани и санкции, Иран и меѓународните сили на 14 јули потпишаа договор со кој Иран драстично ја намалува и ограничува нуклеарната програма за да не биде способна да развие нуклеарно оружје, а за возврат на државата и се укинаа многу сакнции кои во текот на годината сериозно наштетија на стопанството и животниот стандард на Иранците.

Иран, која со години тврдеше дека нуклеарната програма служи само за цивилни цели, со договорот се согласи да ги намали своите резерви на збогатен ураниум за 98 отсто, две третини на веќе покренатите центрифуги да ги стави под меѓународен надзор, да овозможи на инспекторите на Меѓународната агенција за атомска енергија ИАЕА пристап „таму кај што ќе посакаат и кога сакаат‟ и да прифатат обнова на санкции во случај да се прекрши било кој од договорените услови.

Воздушни удари

Однесувањето на џихадистите на ИС, кои не ги запира ништо, го принуди светот да делува. На коалицијата на чело со САД која изведува воздушни напади на нивните позиции во Сирија, се приклучуваат се повеќе земји, а од почетокот на септември тоа го прави и Франција, која уште поактивно се вклучи во акциите по нападот во Париз, а нешто подоцна и Велика Британија.

Во последниот ден од септември, на општо изненадување на Западот, воздушни удари на Сирија почна да врши и Русија. Нападите од самиот почеток беа жестоки, но Русија и сојузниците се разликуваат во толкувањето на целите. Москва тврди дека гаѓа само џихадисти, додека Западот тврди дека ги напаѓа бунтовничките сили кои се борат против режимот на претседателот Башар ал-Асад, руски сојузник кој сојузниците сакаат да го симнат од власт. Со време двете страни сепак постигнаа договор за размена на основни податоци за воздушните напади, за да не се случи непосакуван инцидент.

Инцидент кој никој не го посакуваше сепак се случи. Турција на 24 ноември сруши руски воен авион, тврдејќи дека го повредил воздушниот простор, при што загина еден од двајца пилоти. Русија тврди дека авионот не го напуштил сирискиот воздушен простор, а Путин тој настан го нарече „нож во грб‟ најавувајќи „значајни последици‟, а односите меѓу двете држави по тој инцидент драстично се влошија. Тоа беше прв пат во изминатите 50 години некоја земја членка на НАТО да сруши воен авион.

ИС се „прослави‟ и со рушење на културното богатство на подрачја кои ги освои во Сирија и Ирак, меѓу кои беа и некои незаменливи и непроценливи споменици на човечката култура и цивилизација. Кон крајот на август во древниот град Палмира, кој е на пописот на светската културна оставнина на УНЕСКО, џихадистите рушија неколку исклучително вредни антички градби, меѓу кои и храмот Балшамина, една од нај чуваните и нај величествените градби во Палмира.

Иако експертите се согласни дека не смее да се брза со заклучоците кога ИС е во прашање, впечаток е дека воената среќа полека се врти, бидејќи џихадистите кон крајот на годината ги дочекаа низа воени порази, од кои некои значеа сериозно губење на територии.

Катастрофи и несреќи

Една од причините за засилениот ангажман на Русија во воените напади против ИС е несреќата на рускиот авион над Египет. Последниот ден на октомври руски авион на лет од летувалиштето Шарм ел-Шеик во Санкт Петербург, падна на подрачјето на Синај, при што загинаа 224 патници и членовите на екипажот. Причината за падот прво не се знаеше, иако Синајската провинција на Исламската држава, огранок на ИС, по еден ден ја презеде одговорноста за рушењето на авионот, но руската ФСБ на 17 декември објави дека авионот е срушен во експлозија на бомба од домашна изработка и дека дефинитивно се работи за терористички чин. Претседателот на Русија Владимир Путин се заколна дека „Русија ќе ги најде терористите каде и да се и ќе ги казни‟, а руските воздушни удари исклучително се засилуваат.

Во падот на Ербас А320 во француските Алпи на 24 март загинаа сите 150 патници и членови на екипажот. Истрагата откри дека авионот на Џерманвингс на лет од Барселона во Дизелдорф намерно го срушил копилотот Андреас Лубитзи, така што се заклучил во пилотската кабина, оставајќи го пилотот, кој отишил до тоалет, надвор од неа и го насочил авионот во смртен пад. Остатоците од авионот и човекови тела беа расфрлани на километри околу местото на несреќата, а истражителите рекоа дека според звуците од патничката кабина може да се заклучи дека патниците биле свесни за трагедијата која ќе следи барем неколку секунди пред ударот.

Поврзаност со тероризам не е утврдена, но откриени се големи психички проблеми на Лубиц.

Ни 2015 година не можеше да помине без природни катастрофи, од кои најтрагичен беше земјотресот во април во Непал со сила од 7,8 степени во кој загинаа 8126 луѓе. Повредени се десетици илјади луѓе и уништени илјадници градби, вклучувајќи и скапи споменици како кулата Дхарахара и големиот храм Бхактапур Дурбар во Катманду. Земјотресот предизвика лавина на Моунт Еверест во која загинаа најмалку 17 луѓе.

Индија кон крајот на мај и почетокот на јуни ја погоди незапамтен топлотен бран во кој температурите се движеа од 45 до 49 Целзијусеви степени, на некои места достигнаа незамисливи 55 степени. Во тој едномесечен пекол животот го изгубија од 2300 до 2500 луѓе.

Во текот на аџилакот на најзначајниот муслимански празник Еид ал-Адха (Курбан бајрам), со кој завршува Хаџ, во стампедо недалеку од Мека загинаа 717 луѓе, а над 850 беа повредени. Уште повеќе ужаснува фактот дека тоа не е ни единствен ни најлош инцидент од тој вид. Дупло повеќе смртно настрадани имало во јули во 1990 година – 1462, а трагедијата во 2015 година беше девета од тогаш.

Вода на Марс, Нови Хоризонти, блиску до Плутон

НАСА во септември објави дека нејзините научници откриле траги кои укажуваат на тоа дека во текот на летните месеци на Марс има течна вода, што ги зголемува шансите на Црвената планета да постои некој облик на живот. Мерењето од орбитата на Марс покажа дека на неа во лето тече вода низ стрмни кањони, падини и кратери, а до тие откритија научниците дошле благодарение на новите технологии кои овозможуваат анализа на хемиската карта на површината на Марс.

Сондата New Horizon, лансирана во 2006 година, стигна до Плутон, приближувајќи му се на 12.500 километри. Во текот на прелетувањето направила многу фотографии од неговата површина и ги прати на Земјата, а утврдено е дека „планетата џуџе‟ е поголема од очекуваното и има ширина од 2370 километри.

Астрономите оваа година можеа да уживаат во многу реткото преклопување на две астрономски појави, бидејќи целосното затемнување на Сонцето се случи токму на денот на пролетната рамнодневница на 20 март. Тоа поклопување во овој век ќе се појави уште само во 2034 година, но тоа е невообичаено брзо и многу среќни можат да се сметаат тие кои ќе сведочат на двата настани, бидејќи претходниот се случил на 20 март во 1662 година, а следниот по 2034 година ќе се случи на 20 март 2406 година.

Научниците официјално објавија и откритие од нов вид на прачовек кој е наречен Хомо наледи. Остатоците на тој до сега непознат вид на хуманоид се откриени во 2013 година во пештера недалеку од Јоханесбург во ЈАР. Хомо наледи живеел пред 2,5 до 2,8 милиони години.