Македонија
27. October 2025 - 16:33

11 месеци затвор за таткото кој нападна малолетни фудбалери на натпревар во Штип

11 месеци затвор доби таткото кој влета на терен на натпреварот меѓу Брегалница и Шкупи и нападна двајца малолетни фудбалери од ФК Брегалница кои играа против неговиот син.

Кривичниот судски совет од Судот во Штип денеска го прогласи Авни Абгулиј за виновен за кривичното дело насилство. Адвокатот на Абгулиј вели ќе се жалат до Апелација, неговиот клиент не нападнал деца, туку пробал да ги раздвои, а за тоа имало и сведоци.

Според обвинението таткото на играчот од Шкупи, во 89тата минута влетал на теренот, откако судијата поради фаул на неговиот син му доделил втор жолт картон. Незадоволен од одлуката прво синот со тупаници и удар со нога се обидел да се пресмета со еден од фудбалерите на Брегалница, а тогаш на теренот влетал неговиот татко кои со тупаници и клоци нападнал двајца фудбалери на Брегалница кои завршија со повреди.

Адвокатот на Абгукиј апелираше до ФФМ за поголемо обезбедување дури траат натпреварите, особено кога играат малолетни деца.

Но и покрај овој настан кој се случи кон крајот на август, следеа уште неколку каде се сведочеше на насилство и на трибини и на терен. Последниот е од вчера, кога играчи на фудбалскиот клуб Аеродром биле претепани од играчи на ФК Беса на натпревар што се играл во с. Слупчане.

На 26.10.2025 во 18:30 часот, полициски службеници од СВР Куманово ги лишија од слобода О.Д.(32) и Е.А.(18), двајцата од Куманово, играчи на фудбалскиот клуб Беса“ од с.Слупчане, општина Липково, затоа што на фудбалски натпревар во с.Слупчане физички нападнале играчи од гостинскиот клуб ФК Аеродром“ од Скопје.

СВР Куманово презема мерки за откривање на сите инволвирани и за целосно расчистување на случајот, по што против лицата ќе бидат поднесени соодветни пријави.