МВР ја заокружи летната сезона на апсење пиромани: Поднесени се пријави за 45 лица во врска со пожари
МВР ја заокружува летната сезона на апсење пиромани. Од април до денеска поднесени се вкупно 45 кривични пријави во врска со пожари на отворен простор, а уапсени се 66 лица.
Службите се соочиле со вкупно 2.197 пожари на отворен простор.
„Најголемиот број на настанати пожари е утврдено дека се предизвикани од човечки фактор, со различни мотиви и се преземаат мерки и активности за расчистување на случаите и откривање на нивна евентуална меѓусебна поврзаност“, изјави Гоце Андреевски, портпарол на МВР.
Поради високите температури, а и големиот број на шумски пожари, властите повеќе месеци воведоа забрана за движење во шуми. Но сепак, 27 лица ќе ги испразнат новчаниците до 2.000 евра, бидејќи полицајците ги фатиле како се шетаат во шуми без дозвола. Статистиката на Национални шуми покажува дека годинава изгорела значително помала површина на квалитетна шума, во споредба со претходните години.
Властите проценуваат дека годинава поподготвени сме ги дочекале пожарите. Особено поради пренаменувањето на старите армиски и полициски возила, кои се пробиваат на тешко пристапни терени. И летово, полицијата користеше дронови за мониторирање на шумските појаси на територијата на државата.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар
