10-годишно дете заврши на хирургија, откако врз него паднала гранка од дрво
Потрес на мозок, три скршени ребра, повреди на кичмата и на опашката. 10-годишно дете со тешки телесни повреди заврши на хирургија, откако вчера врз него паднала гранка од дрво. Момчето денеска е под интензивен мониторинг, но е во стабилна здравствена состојба.
Случајот веднаш се најде под лупа на истражните органи. На терен излезе полицијата, а јавен обвинител направи увид на местото на настанот.
- Јавниот обвинител издаде наредби за обезбедување на целокупната документација за утврдување на староста и евентуалните барања за сечење и отстранување на дрвото. Се вршат разговори со лица кои би можеле да имаат сознанија во насока на утврдување на евентуална кривична одговорност за настанот, велат од обвинителството за Сител.
Додека надлежните истражуваат, институциите се препукуваат кој е виновен зошто дрвото не било исечено. Според првиот човек на општина Карпош, детето е жртва на нефунцкионирањето на институциите, и прстот го впери кон Град Скопје и претпријатието Паркови и зеленило.
Паркови и зеленило го демантираат градоначалникот. Оттаму потенцираат дека за конкретното дрво,до нив нема пристигнато никакво барање, ниту пак има издадено Решение за сечење.
ЈП Паркови и зеленило: Во случајот е евидентно дека дрвото не е обележано со никаков знак како што е утврдено во Законот за урбано зеленило . Сметаме дека надлежните од општината го злоупотребиле овој немил настан од причина што доколку се работи за подрачје на нивна општина за кое требало да поднесат барање.
Од Град Скопје за Сител велат дека одговорноста е во општина Карпош бидејќи не поднела барање за сеча на дрвото, кое според нив припаѓа самата општина.
Согласно член 15 став 1 точка 4 алинеја 7 од Законот за Град Скопје, општината каде се наоѓа блоковското зеленило е надлежна за зеленилото на сервисни и станбени улици. Тоа значи дека Општина Карпош требало да води сметка и доколку сметала дека има потреба, да поднесе барање, а не го поднела. Одговорноста е во општината Карпош, а не во ЈП Паркови и Зеленило. ЈП Паркови и зеленило може да постапува за зеленило кое е општинска надлежност само ако Општина Карпош поднесе барање за кастрење или сеча, врз основа на кое барање се прави решение, а барање нема од нив.
Инаку, барање за сечење или кастрење на дрвја, грмушки на јавна или дворна површина може да поднесе секој граѓанин. По испратеното барање, постапката налага дека одговорно лице од Град Скопје и Паркови и зеленило, излегуваат на терен да направат проценка на ситуацијата. Потоа се изготвува записник, последователно и решение со кое во пракса ќе треба да се даде наредба дали дрвото ќе се кастри или сече.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар