Зошто нема Нобелова награда за математика?
Октомври е месец посветен на Нобеловите награди – време од годината кога научниците и писателите чекаат да дознаат кој ќе го освои големиот златен медал во Стокхолм. Од 1969 година, и економистите се во центарот на вниманието, но математичарите и натаму се изоставени, пишува порталот „ИФЛ Сајенс“ (IFL Science).
Нобеловите награди за хемија, физика, медицина, мир и книжевност се петте категории основани од Нобел. Тие се доделуваат од 1901 година, за сите оние кои „придонеле за најголема корист за човештвото“, според неговиот тестамент во 1895 година. „Нобел“ за математика – нема, и таква награда никогаш не постоела. И, не е онака како што велат преданијата и легендите – дека Алфред Нобел, наводно, злонамерно ја отфрлил таа област во светската наука, затоа што неговата љубов – Австријката по име Софи Хес имала љубовна афера со познатиот математичар Џестер Митаг-Лефлер. Вистинската причина, се чини, е многу помалку сензационална, иако може да каже и повеќе за самиот основач на престижните награди.
Алфред Нобел (1833 – 1896) бил шведски хемичар, пронаоѓач и индустријалец, приврзаник на идеалистичкото верување дека откритието може да го помести светот кон подобра иднина. Донекаде иронично, неговиот најпознат изум – по Нобеловите награди, бил динамитот.
Во тестаментот се наведува: „Наградите за физика и хемија ќе ги доделува Шведската академија на науките; за физиолошки или медицински достигнувања – Институтот Каролинска во Стокхолм; за литература – Академијата во Стокхолм; а за застапници на мирот – комитет од пет лица избрани од норвешкиот Стортинг (Собрание)“.
Математиката, едноставно, не е спомената. Наградата за економија ја додаде Банката на Шведска во 1969 година, но математиката никогаш не била вклучена како посебна категорија.
Најчестото објаснување е дека Нобел бил човек од применета наука, практичен мислител фасциниран од пронајдоци, инженерство и технологии што би можеле да го променат материјалниот свет. Нему, математиката можеби му изгледала премногу апстрактна, премногу теоретска и премногу „одвоена од корисноста“ во вистинскиот свет. Дури и денес, наградите за наука се стремат да ги фаворизираат експерименталните откритија и опипливите наоди, пред чисто теоретскиот труд.
Натаму, друго вообичаено објаснување е дека математичарите веќе биле високо ценети во Шведска, во голема мера благодарение на Јест Митаг-Лефлер и неговото влијание во високото општество, но вклучувајќи го тука и кралот Оскар Втори, кој им доделувал награди и почести на математичари од цела Европа.
Областите како инженерство, биологија и екологија, исто така, се изоставени. Сепак, и овие науки понекогаш „странично“ си го наоѓаат патот. Нобеловата награда за физиологија или медицина често се доделува и за откритија поврзани со „биологијата“, на пр., па и со генетиката и имунологијата. Слично на тоа, достигнувањата во инженерството се опфатени во физиката или хемијата, како што се иновациите во полупроводниците, науката за материјали или ласерската технологија, коишто го трансформираа современиот живот.
Така, математичарите можеби немаат своја Нобелова награда, но имаат Филдсов медал, Абелова награда и задоволството од сознанието дека скоро секое откритие на добитник на „Нобел“, се гради на темелите на нивните равенки.
Ново на Сител
-
Најмоќниот Македонец во Белград | Тома Фила | Неформално | Sitel Podcast 118
-
Фон дер Лајен: Целосно стоиме зад вас, топката е во вашиот двор
-
Мисајловски: Подготвени сме да ја поддржуваме Украина, но мора да се грижиме и за нашата Армија
-
Албанската полиција на ГП „Блато“ заплени стока прошверцувана од Македонија
-
Таксист полово нападнал патничка - компанијата го отпуштила од работа
-
Пронајдена дрога кај затвореник во Идризово
-
Кривична за 33-годишник кој нападнал две деца
-
Нетанјаху повторно пред судот во Тел Авив за случаите на корупција, неговите министри бараат помилување