Злоупотреби на партиите за време на изборите
Регистрирани над 300 случаи за употреба на јавни објекти за кампањски цели на партиите за време на локалните избори оваа година. За тоа се користеле детски градинки, училишта, јавни и национални установи, па се до музеи и галерии. Ова го покажало набљудувањето на 10-тина граѓански организации во 26 општини преку проектот „Надзор на терен потенцијална злоупотреба на административни ресурси на локално ниво“. Злоупотреба е евидентирана и во однос на општинските веб или ФБ страни кои се користени за партиска промоција, а е регистрирано и присуство на државни функционери на партиски настани во работно време.
„Многу проекти од национално ниво беа користени во партиските кампањи и митинзи, притоа јавни, национални и општински проекти беа наведувани и кажувани во политичка и партиска функција, односно не дека тоа е проект на општината или на определено министерство, туку дека е проект на самата партија што исто така доведува до целосна административна злоупотреба на локално ниво“, изјави Даниела Цветаноска, ЛАГ АГРО ЛИДЕР.
За да се спречат овие злупотреби во иднина се даават препораки за тоа кој, како и кога може да ги користи јавните објекти и под кои услови, ограничување на промоција на проекти во изборен период финансирани со народни пари, како и зајакнување на мониторингот на граѓанските организации.
„Воведување на измени во одредбите на изборниот законик и тоа во делот на јасна дефиниција што претставува јавен објект, понатаму услови и процедури за јавни простории и политика за надзор и санкционирање при прекршување. Во делот на контрола и транспарентност во користењето на јавните ресурси потребно е воспоставување на централизирана и редовно ажурирана база со сите јавни објекти кои можат да се издаваат, ценовници, како и листа на одобрени барања за да биде јасно и транспарентно кој и кога во тој објект би имал организирано настан“, кажа Талија Петреска, ЛАГ АГРО ЛИДЕР.
Проектот финансиски е поддржан од Меѓународна фондација за изборни реформи ИФЕС.
-
Дарко Штарговски
Сите содржини од овој новинар
