Свет
7. September 2025 - 10:14

Захарова: Европските лидери што го поддржуваат Киев се „мутирани џуџиња“

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова денеска ги нарече европските лидери што го поддржуваат Киев „мутирани џуџиња“, коментирајќи дека повиците за решавање на украинската криза за нив се непознати, пренесе ТАСС.

– Во бајката, седумте џуџиња ѝ помагаа на Снежана, не ѝ се закануваа, не правеа гримаси и, што е најважно, не сакаа да ја доведат до страшната вештерка што сакаше да ја убие, изјави Захарова во интервју за ТАСС, осврнувајќи се на изјавата на поранешната австриска министерка за надворешни работи Карин Кнајсл, која европските лидери на средбата со американски претседател Доналд Трамп ги спореди со „седумте џуџиња“. Захарова изјави дека на средбата со Трамп имало „џуџиња од друга бајка и дека тие биле дел од системот што довел до обидот за атентат“ врз американскиот лидер.

Таа истакна дека овие лидери не се откажале од своите ултралиберални ставови, активно се спротивставувале на Трамп и го исмејувале, игнорирајќи ги неговите повици за решавање на украинската криза. Портпаролката го опиша Трамп како „светла политичка фигура“ со уникатен стил на дискусија, нагласувајќи дека е „кратковидо и погрешно“ неговите изјави за Украина да се третираат површно или со потсмев.

– Човек што преживеал обид за атентат и добил втора шанса постојано зборува за потребата од решавање на ситуацијата во Украина, земја со која нема директна врска. Тоа значи дека тој навистина сака да биде дел од решението, рече Захарова, додавајќи дека неговите изјави заслужуваат сериозно внимание и претставуваат преседан за американската политика во последните децении.

Како што изјави таа, ова вклучува сегрегација на земји, народи, етнички групи според нивниот модел, „кој на модерно ниво го формулира високиот претставник за надворешни работи на Европската Унија, Жозеп Борел, зборувајќи за прекрасна градина во форма на златна милијарда и дивата џунгла на сите останати“.

– Затоа тие секојдневно ја прекројуваат историјата. Ако продолжат со оваа политика, ќе се уништат себеси, нагласи Захарова.

Таа, исто така, посочи на фактот дека Западот откажува сè што не се вклопува во концептот на либерална диктатура.

Захарова, исто така, потсети дека планот „Ост“, кој требаше да го спроведе нацистичкиот лидер Адолф Хитлер, вклучуваше или поробување на словенските народи или нивно уништување.

– Вие и јас, нашите претци, и соодветно на тоа, целата наша земја – да им служиме. Таму пишува дека Словените, од гледна точка на германскиот нацизам, се луѓе од втор ред и затоа можат да им служат само на луѓе од прва класа, односно на Ариевците, или се предмет на понатамошно уништување, нагласи таа.

Таа прецизираше дека Германија не донела просперитет со освојување територии и уништување на други народи, туку со ослободување од нацизмот.

Сепак, забележа таа, дека нацизмот повторно се родил, и покрај тоа што бил поразен.

„Ако нацизмот во Германија сега повторно се воспостави во умовите и главите и му се даде можност да расте, нема смисла да се зборува за каков било просперитет за Германија – или за тоа дека таа ќе стане прогресивна сила, или за благосостојбата на Германија воопшто – или за иднината на германскиот народ воопшто“, заклучи Захарова.

МИА