Македонија
31. March 2025 - 16:29

Забрана за употреба на пиротехника во затворен простор и зголемени казни

Забрана за огномети и факели во затворен простор и зголемување на казните за непочитување на забраната. Ова го предвидуваат измените на законот за прекршоци против јавниот ред и мир кој утре ќе се најде пред пратениците. Се додава нов член во законот кој целосно забранува употреба на пиротехнички средства во објекти и простории од затворен тип. Тој што ќе запали огномет, факел или друг вид на пиротехника, ќе заработи казна од 200 до 250 евра, одговорниот на фирмата ќе се казни со 500 евра, а глобата за фирмата ќе се движи од илјада до 10 илјади евра.

Заострување на казните ќе има и за пропуштање на малолетници во угостителски објекти. Се бара десеткратно зголемување. Според предложените измени, ако после полноќ биде затекнат малолентик во било кој угостителски објект, најниската казна од сегашните 50, се зголемува на 500 евра. Кај големите објкети пак наместо досегашната минимална од 250, казната за присуство на малолетници после полноќ се зголемува на 5 илајди евра.      
На предлогот за измени на законот за прекршоци против јавниот ред и мир се потпишани осуммина пратеници од власта. Бараат и законот да се донесе во скратена постапка. 

„Во соработка со МВР, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, работеше на Закон за јавен ред и мир во кој има две важни измени. Прво се забранува користење на пиротехника во затворен простор, а второ, казните за пуштање односно, присуство на малолетници во диско клубови и други угостителски објекти кога не е дозволено, се зголемува за десетпати од сегашната казна. Значи пиротехника во затворен простор се забранува и повеќе не смее никаква пиротехника да се користи во затворен простор и доколку во некој угостителски објект кога е тоа забрането доколку се начека малолетно лице, казните се зголемени за десетпати од тоа што е сега“

Во образложението на законот, пратениците наведуваат дека измените ги иницирале заради последиците од трагедијата во Кочани. Сметаат дека забраната за пиротехника и зголемување на казните ќе ја подобри безбедноста во угостителсктие објекти и ќе спречи опасности кои настануваат од употреба на огномети и факели во затворен простор. 

Пред две недели во кочанската дискотека Пулс загинаа 59 лица од пожар предизвикан од пиротехнички фонтани. Иако два и пол часа после полноќ, во објектот настрадаа и малолетници кои според закон воопшто и не смееле да се присутни во диското.