Бизнис
9. December 2025 - 16:36

За власта развоен, за опозицијата нереален буџет кој мириса на предвремени избори

Предлог буџетот за следната година е развоен, заснован на реални политики за економски раст и поттик за инвестиции, буџет со кој ќе продолжи макроекономската стабилност, ќе се обезбедат пари за сервисирање на обврските, за фунционирање на институциите  и за  подобар животен стандард на граѓаните. Вака министерката за финансии го образложи предлог буџетот, тежок 6,7 милијарди евра. 

Приходите пак се планирани на 6,5 милијарди евра  и се темелат на зголемена наплата на данокот на личен доход , данокот на добивка, како и ефектите од глобалниот ефективен  данок , кој ќе го плаќаат мултинационалните компании кои работат кај нас. 

- Овој Буџет не е само документ со бројки и табели – тој е економска порака за стабилност, доверба и развој. Јасна потврда за одговорното управување со јавните финансии кое го воспоставивме и го продолжуваме со полн капацитет, Владата ќе продолжи со строгата контрола на преземањето нови обврски и ќе ги следи буџетските принципи на економичност и ефикасност, истовремено обезбедувајќи услови за нови вработувања во согласност со буџетските можности.  рече министерката за финансии. 

Бројките се убави кога ќе се прикажат на хартија, но реалноста е поинаква, реплицира опозицијата. Наплатата на ДДВ то и данокот на добивка не се одвива по планот, и кога буџетот е креиран на нереална основа – се очекуава на пролет на има ребаланс, вели пратеникот Битиќи. Според него, ова е буџет кој не носи добро на граѓаните, туку асоцира на  предвремени избори

Инаку, од 200 поднесени амандмани, власта прифати само 6. Во буџетот се проектира растот на економијата следната година  да изнесува 3,8%, а инфлацијата да се спушти на 2,5 отсто. Буџетскиот дефицит  се очекуав да изнесува 638 милиони евра или 3,5% од БДП, а ќе се финансира со задолжуавање дома и  надвор.

Пратениците за предлог буџетот ќе расправаат во следните 5 дена.