Loading Video...
Македонија
26. December 2024 - 16:37

За 3000 евра македонски државјани војувале за Русија

За 3.000 евра, преку Телеграм македонски државјани се пријавувале да се борат во редовите на руската војска против Украина. Обвинителството води истрага против две лица за учество во странска војска- едниот од нив бил и во редовите на озогласената руската приватна војска Вагнер. 

Едната истражна постапка е од 29.11.2024 година и јавниот обвинител активно постапува во насока на обезбедување на доказен материјал за расветлување на случајот и донесување на мериторна јавнообвинителска одлука, во вториот случај кој е исто така од неодамна, се води истражна постапка против учесник во приватна војска „Вагнер“ и кој се наоѓа во притвор. Во однос на предвидената казна за кривичното дело Учество во странска војска истата може да биде најмалку 4 години.  

Според соопштенијата на МВР од минатиот и овој месец, едно лице отишло во Москва во обид да се вработи како војник во Руската војска, но по една недела се вратил во Македонија- минатиот месец му е одреден 30 дневен куќен притвор. Друг пак заедно со уште едно лице во 2023 година потпишале договор со Министерството за внатрешни работи на Доњецка Народна Република за служење во нивните воени, паравоени и параполициски единици, а со тоа учествувале во воениот конфликт помеѓу Руската Федерација и Украина. Едниот од нив загинал на боиштата, а другиот откако се вратил во Македонија по извршени претреси и пронајдени документи на руски јазик, му е одреден 30 дневен куќен притвор. 

- Македонија имала случаи кога македонски државјани заминувале на боишта на Блискиот исток, но истренирани и со идеолошки цели, но во овие случаи не станува збор за идеологија, вели професорот по безбедност Злате Димовски. 

Некои од оние кои заминале да се борат на страната на руската војска, Димовски смета дека и не биле доволно информирани дека ако учествуваат во странска војска ќе бидат кривично гонети, но сепак најчесто причините за кои заминуваат да се борат во боиштата се економски. 

Од МВР велат дека за сите лица за кои постојат сомненија дека се дел од паравоени војски, се преземаат соодветни активности за проверка на таквите сознанија, во соработка со обвинител и безбедносно разузнавачки служби.