Македонија
18. јуни 2024 - 16:35

Владин кабинет: Поранешни министри, актуелни градоначалници и само три жени

Петмина вицепремиери, три жени, шестмина лидери на политички партии, двајца актуелни градоначалници, актер, спортист.

Новиот владин кабинет ќе го сочинуваат главно луѓе кои досега извршувале државна функција, со исклучок на четворица. Според етничката припадност, најголем дел ќе бидат Македонци, 16, но и петмина Албанци и по еден Србин и Ром.

Според образованието, во владиниот кабинет ќе има најмногу економисти – седуммина.  Четворица се правници, тројца се политиколози, двајца доктори, еден енергетичар, еден машинец, еден бизнисмен, еден земјоделски инженер, еден актер, еден спортист, еден историчар.

Тројца од новите министри веќе беа дел од техничката влада на Талат Џафери. Панче Тошковски како министер за внатрешни, Стефан Андоновски како министер за администрација и Цветан Трипуновски како дополнителен заменик во земјоделие. Единствено Димитриевска Кочовска има искуство од техничката влада на Оливер Спасовски.

Во Владата на Мицкоски ќе има шестмина претседатели на политички партии. Освен премиерот, новиот прв вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити, раководи со Демократско движење, новиот вицепремиер за политички систем, Љупчо Димовски, со Социјалистичката партија, новиот министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ раководи со Демократската партија на Србите, новиот министер за здравство, Таравари со Алијанса на Албанците и Шабан Салиу кој е прв човек на Демократските сили на Ромите ќе биде министер без ресор задолжен за интеграција и имплементација на декада на Роми.

Со градоначалничката фотелја ќе мора да се простат Тимчо Муцунски и Арбен Таравари кои раководат со општина Аеродром и Гостивар.

Во новата влада ќе има и луѓе кои соработуваа со претходните влади кои ги предводеше СДСМ. Таравари кратко беше министер за здравство, новиот министер за европски прашања Орхан Муртезани беше директор на МЕПСО и на Железници – Транспорт. Горан Минчев во минатото беше пратеник од редовите на СДСМ и генерален секретар на партијата. Изет Меџити, пак, беше висок функционер во ДУИ.

Ова ќе биде прв мандат на Мицкоски како премиер на државата. ВМРО-ДПМНЕ беше во опозиција од 2017 година кога по изборите во 2016 – влада формираа СДСМ и ДУИ.