Македонија
19. August 2024 - 19:44

Владата е загрижена по состанокот со Арсовска

Градоначалничката Арсовска до четврток да направи план како да се поправат состојбите во Градот и јавните претпријатија и да го презентира пред советниците – ова е заклучокот по денешната средба меѓу претставници од Владата и Градот Скопје. Министерот за локална самоуправа рече дека сега се позагрижени од претходно оти Арсовска на состанокот не предложила никакво решение. 

„Можам да кажам дека уште позагрижени сме сега, него пред да почне состанокот. На кратко, нашите очекувања како Влада беа дека од страна на Градот ќе слушнеме некаков план или некакви реални потреби кои што ќе можеме ние како Влада да помогнеме за тој план да се реализира. Но, од нивна страна не слушнавме ништо конструктивно. Градоначалничката предложи до крајот на оваа недела да состави некаков план кој што пред се ќе биде презентиран пред советниците во рамки на Советот на Град Скопје, иако нашите очекувања не се големи, морам да признам, за жал“ – Златко Перински, министер за локална самоуправа 

Во врска со одземањето на ингеренциите за „Комунална Хигиена“ и „Паркови и зеленило“ Перински вели дека прво ќе почекаат да го видат планот на Арсовска, а потоа ќе го разгледаат и ова прашање за да видат дали има законска можност да се поделат претпријатијата на општините. 

Сега се разговарало за комуналното претпријатие и ЈСП оти за десетина дена ќе почне учебната година и ќе има голем проблем при превозот на патници.

Од Градот најавија прес конференција за утре. Денеска Арсовска не застана пред медиумите. На влезот во Владата пред состанокот кусо ни рече дека ќе свика посебна прес конференција.

Од Владата не побарале оставка од Арсовска, но министерот за локална самоправа најави дека како граѓанин можно е да поднесе кривична пријава за злоупотреба на службената положба.