Уште една бурна ноќ во Србија - 114 приведени, 75 повредени полицајци
По уште една бурна ноќ која ја помина Србија, одржувајќи антивладини протести уапсени се 114 лица, меѓу кои и странски државјани од Хрватска, Словенија и Италија. Според министерот за внатрешни работи, Ивица Дачиќ во немирите синоќа повредени се 75 полициски службеници. Вкупниот број на повредени полицајци изминативе три дена на протестите изнесува 121, од кои деветмина потешко се повредени.
Во повеќе градови во Србија синоќа се одржуваа протести под слоганот Вечерва пукате по шевовите, кои беа организирани од студентите во блокада, а кои беа поддржани од голем број граѓани.Тие и синоќа се судрија со поддржувачите на СНС.
Пиротехнички средства беа испукани синоќа од приврзаници и симпатизери на владејачката СНС кон демонстранти во Белград, а за време на протестите бил претепан и опозициски пратеник во српското Собрание. Во Нови Сад пак продолжи демолирањето на штабови на владејачката партија.
На видеата се гледа и полициско насилство кон две млади лица кои се веќе совладани и не пружаат никаков отпор.
Академскиот пленум на Србија, го обвини Александар Вучиќ како клучен виновник за ескалацијата на тензиите, сметајќи дека тој е подготвен да предизвика граѓанска војна само за да избега од одржување избори кои, според нив, ќе ги изгуби.
Српскиот патријарх Порфириј апелираше синоќа да се запрат сите судири и да се отфрлат зборовите и постапките што предизвикуваат болка и рани кај другите, нагласувајќи дека ништо не е поразорно од омразата, поделбите и насилството меѓу браќата и дека ништо не е поскапоцено од мирот и братската љубов.
Протестите во Србија траат повеќе од 9 месеци, а беа поттикнати од трагичниот пад на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, при што загинаа 16 лица меѓу кои и македонски државјанин. Демонстрантите бараат оставка од Владата на Вучиќ и нови избори.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар