Свет
19. јуни 2016 - 10:26

Украина во канџите на корупцијата

Дојче веле - Бон

Украина мака мачи со корупцијата, а тие кои се обидуваат да се борат против таа чума, имаат проблеми со работните места. Сега под меѓународен притисок претседателот Порошенко вети промени. Една недела во почетокот на април пред театарот Иван Франко во Киев, Виталиј Каско не можел да ја отвори вратата на својот автомобил, бидејќи била залепена со индустриски лепак. Тогаш се појавиле лица од Државното обвинителство и му соопштиле дека против него се води истрага за корупција и дека автомобилот е блокиран за да се спречи бегство. Се до неодамна Виталиј Каско работел за таа иста институција. 

Тој бил заменик шеф и жесток противник на традиционалните корумпирани структури во украинското правосудство. На должност дошол за време на турбулентните месеци по проевропската Мајдан револуција во 2014. Но пролетта оваа година добил отказ од својот шеф Виктор Шокин, кој исто така набрзо потоа бил отпуштен поради притисок од Западот на претседателот Петро Порошенко.

Граѓанското општество веднаш реагирало: фотографијата со „акцијата лепак‟ со голема брзина се раширила по социјалните мрежи. Неколку недели подоцна Каско едногласно бил избран во Надзорниот одбор на организацијата Transparency International (TI) Украина, сите обвиненија одеднаш исчезнале. Значи, вниманието на јавноста може да пружи заштита, пред се пред структурите на моќта во оваа постсоветска држава. Сега украинските TI активисти во Киев го повикаа Хозе Угаз, претседател на Надзорниот одбор на TI во Берлин.

Украина и по Мајдан револуцијата на пописот на најкорумпираните земји во светот се наоѓа на 130 место од 168 држави. Угаз станал познат откако како судија го осудил поранешниот перуански претседател Алберт Фуџимори. Угаз во почетокот на оваа недела во Киев се состанал со претседателот Порошенко, кој веќе со недели се оправдува поради off shore фирмата на неговиот концерн за производство на чоколади, последниот пат на неговата годишна конференција за новинари во Киев.

Државен обвинител без правничка диплома

Петро Порошенко соопштил на Угаз дека веќе именувал нов државен обвинител. Но, во тој случај повторно се работи за негов човек од доверба, тоа е Јуриј Лузенко, поранешен шеф на Пратеничкиот клуб од партијата на Порошенко. Но, тој не е правник и поради тоа на денот на неговото именување морал да биде променет Законот за Државно обвинителство. Па сепак, врховниот државен обвинител по преземањето на должноста именувал заменици, кои во дипломатските кругови во Киев се сметаат за критички расположени. А Порошенко за својата реформа на судството добил пофалби од странство.

Реформа само поради меѓународниот притисок

Претставниците на земјите Г7 со месеци морале да го убедуваат советникот на претседателот со цел навистина да се спроведат уставните реформи. Имено, судиите и државните обвинители се сметаат за жариште на украинската мрежа на корупција. Одлуките се купуваат, но не само тоа: веќе 20 години се купуваат и места за правници на одлучувачки позиции. 1.200 судии треба да бидат отпуштени и на нивни места да дојдат млади сили. Исто така, треба да се издвојат повеќе пари за платите на вработените во судството, за да се спречи митото и корупцијата. Хосе Угаз ги охрабрува своите соборци во Киев: „За борба против корупцијата треба трпеливост. Јас со својата работа почнав на возраст од 18 години и резултатите ги водов дури кога наполнив 40‟.