Македонија
2. јуни 2025 - 10:51

УХМР: Не очекува потопло и посушно лето

Летово се очекува да биде значително потопло и посушно од многугодишните просечни вредности. Во државата постои многу голема веројатност за надминување на температурите од многугодишните просечни вредности. Надминувањето на температурите може да достигне и до 3°C речиси на целата територија. Најголемо позитивно отстапување на температурата на воздухот од повеќегодишните просеци за оваа сезона се очекува да биде во јули.

Како што информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), според анализите за целиот југоисточен регион на Европа се очекува летните температури да достигнат натпросечни вредности. 

- Несигурноста кај регионалните предвидувања за врнежите е секогаш поголема во однос на температурата. Се очекува целиот југоисточен регион на Европа да има врнежи под просечните. Во Северна Македонија најголемо негативно отстапување на врнежите за оваа сезона се очекува да биде во јули. Во планинските делови постои голема веројатност дека просечните врнежи ќе бидат надминати поради епизоди на засилена конвекција и појава на обилни врнежи, стои во соопштението.

Многугодишниот просек (1991-2020) за температурите на воздухот во летната сезона изнесува околу 16°C во планинските предели и до 26.1°C измерени во Гевгелија. Просечните врнежи во летниот период најмногу достигнуваат во источниот дел, околу 170 милиметри.

Според многугодишниот просек (1991-2020) температурата на воздухот во Скопје за јуни, јули и август изнесува 22.2°, 24.7° и 24.6° C. Просечната количина на врнежи во Скопје за јуни, јули и август изнесува 47.6, 34.1 и 37.4 милиметри.

Од УХМР посочуваат дека во престојната летна сезона постои веројатност да се јават периоди со исклучително топло и сушно време, како и веројатност за изразени негативни отстапувања од вообичаените средни вредности на температурата, но и влажни продори. Повремено може да доминираат субсезонски варијации, кои не се предвидливи долго време однапред, па затоа препорачуваат редовно ажурирање на прогнозата.