Македонија
19. јуни 2024 - 16:36

Убиство или самоодбрана? - За што ќе одговара жената што ги уби сопругот и свекорот?

Ја осомничи за убиство со умисла, но од истрагата ќе зависи за што ќе биде обвинета 36 годишната жена која  со нож ги усмрти сопругот и свекорот. Од Јавното обвинителство за Сител велат дека во тек е обемна проверка на сите настани кои претходеле на двојното убиство во Кратово. Се испитуваат блиски на жената, починатите и  претходните пријави за семејно насилство.. По комплетирање на доказите ќе се знае дали жената ќе одговара за планирано убиство или тоа било чин на самоодбрана.

„Јавното обвинителство има обврска да постапи, да ги преземе сите дејствија и да ги изврши сите проверки за да ги испита сите околности на настанот. Токму тоа се прави во фазата на истрага. Во зависност од прибраните докази ќе биде донесена соодветна јавнообвинителска одлука за натамошниот тек на постапката и правната квалификација“, велат од Јавното обвинителство.

Случајот веќе привлече внимание кај правната фела откако обвинителството објави дека пред да посегне по ножот, жената била тепана од сопругот, и не може да одговара за убиство со умисла. Адвокатот Митровски вели таквите инфомрации од обвинителството укажуваат на самоодбрана.

„Клучно ќе биде дали жената убодите ги нанесува по претрпеното физичко насилство, а да нема значителен протек на време. Доколку ги нанесува убодите во моментот кога е физички нападната или непосредно по физичкиот напад кога уште кај нејзе егзистира стравот од физичко насилство, тогаш се работи за школски пример за нужна одбрана“, вели Јанаки Митровски, Адвокат.

Во меѓувреме од Судска медицина велат е завршена обдукцијата на двете тела, а прегледана била и осомничената, но детали не се откриваат. Целосниот извештај обвинителството ќе го добиело до крајот на месецов.

Дека во кратовскиот дом семејното насилство било честа појава потврдуваат полициските извештаи. Жената се жалела на напади од свекрвата и золвата,  го пријавува и сопругот па ги повлекувала пријавите, ама и тој се жалел дека е напаѓан од сопругата.