Македонија
19. April 2025 - 16:52

Трагедијата во Кочани во фокус на партиските обвинувања

СДСМ и ДУИ и денеска обвинуваат дека истрагата за Кочани е селективна со цел да ги заштити високите функционери на ВМРО-ДПМНЕ. Ниту проширената истрага според опозициските партии не ги лоцира вистинските виновници за трагедијата. 

„Додека се бркаат чиновници од пред десет години, началниците и командирите што таа вечер имале директна обврска да постапат, остануваат недопрени. Владата сака јавноста да заборави дека полицијата била таму и не направила ништо.  Бараме:

- Итно проширување на истрагата кон актуелните функционери што биле директно одговорни вечерта на трагедијата.

- Да се стави крај на политичката злоупотреба на обвинителството и институциите. Вистинската одговорност мора да се лоцира таму каде што навистина е – кај тие што беа на власт кога се случи трагедијата“, велат од СДСМ. 

Истрагата според ДУИ е пример за правна импровизација, за да се спаси Владата. 

„Претворањето на трагедијата во алатка за лична или институционална промоција е опасна девијација која може да има несогледливи последици.

Затоа, повторно апелираме: Обвинителството мора веднаш да го прекине трансакцискиот однос со Владата.

Правото не се практикува по нарачка. Кариерите на почитичарите и обвинителите не смее да се градат врз туѓа трагедија. Одговорноста за ваквиот пристап – и за сè што може да се случи со неправедно притворените – ќе падне на конкретни имиња“, реагираат од партијата на Ахмети. 

„СДС и ДУИ се синоним за предавства, криминал и неспособност“, им возврати владејачката партија. 

„Во историјата на Македонија немало акција каде било уапсен актуелен министер, актуелен градоначалник, поранешни градоначалници и министри во исто време. Брутално безобразие е партиите СДС и ДУИ да велат дека има селективна акција истите тие чии претседатели се товареа со украдени пари. СДС се повеќе тоне заедно со ДУИ во безличностата, и во својата неспособност, вели Валентин Манасиевски“, ВМРО-ДПМНЕ

За пожарот во кочанската дискотека во кој загинаа 62 лица, досега има 59 осомничени. ОЈО Кочани вчера за прв пат побара мерки на претпазливост и за синот на газдата на дискотека кој досега беше на лекување. Во куќен пртивор се поранешните градоначалници на Кочани и екс министри за економија. Во ефективен притвор се 21 лице, меѓу кои екс министерот Бектеши и поранешниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување и актуелен министер без ресор Шабан Салиу.