Македонија
25. September 2024 - 16:34

Таравари смирува по заострената реторика во владината коалиција - СДСМ пак, бара одговорност од Гаши за Законот за бранители

Откако пратеникот Халил Снопче од Вреди и премиерот Мицкоски вчера си разменија пораки  дали и кога некој треба да ја напушти владината коалиција поради законот за бранители, денеска токму лидерот на Снопче – Таравари од Њујорк се обидува да ја смири топката.

 „Односите помеѓу партнерите во коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, каде што се Вреди и ЗНАМ се коректни и ние се обидувавме да бидеме што посинхрони во овие сто дена. Меѓутоа некаде имало недоразбирања, некаде имало испади кои не биле координирани како што треба, затоа треба време за да се синхронизираме тотално и комплетно и тоа да се види и кај граѓаните. Меѓутоа, генерално можам да кажам дека очекувањата на граѓаните беа огромни од ова мнозинство“, вели Таравари.

Тој смета дека СДСМ и ДУИ намерно го подметнале законот за бранители за да предизвикаат искри меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Вреди.

Мицкоски вчера му поска среќа на Снопче оти рече дека Вреди ќе излезе од Владата ако помине законот за бранители. Денеска пратеникот посмирен за односите меѓу коалициските партнери, иако вели ставот за законот останува.

„Ние сме партнери и нашето партнерство се заснова на односот на силите, а не односнот на моќта. Така функцинираме и се надевам дека така и ќе продолжиме. Се разбира секому кој ни пожелува среќа и ние му пожелуваме среќа и успех. Додека функционира партнерството се ок и нема проблем“, коментира пратеникот.

Во меѓувреме, потпреседателот на Собранието од редовите на СДСМ Митрески денеска до Гаши испратил барање да свика Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни работи која ќе направи проценка дали спикерот го прекршил Деловникот со тоа што не ја свикал Комсијата за законот за бранители откако Илире Даути одби да го направи тоа.

Според Деловникот, Гаши може но, и не мора да ја свика седницата. Од СДСМ му дадоа рок до крајот на неделата да го стори тоа.

Во понеделникот пак, ВМРО-ДПМНЕ преку пратенички потписи се обиде да ја задолжи Илире Даути од Алијансата на Села да ја свика надлежната комисија за законот и да ја одблокира процедурата. Даути одбива да го стори тоа тврдејќи дека измените се неуставни.