Свет
21. October 2024 - 8:24

СЗО: Египет е земја без маларија

Египет официјално е прогласен за регион без маларија, за што Светската здравствена организација (СЗО) упати честитки до владата во Каиро и и врачи сертификат.

-Маларијата е стара колку и самата египетска цивилизација, но сега болеста што ги мачеше фараоните припаѓа на нејзината историја, а не на иднината, рече шефот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус.

Во светот, 44 земји и една територија се сертифицирани како ослободени од маларија. Научниците докажаа дека маларијата постои во Египет од најмалку 4000 п. н. е. .

Меѓу другите наоди, болеста била идентификувана во мумијата на Тутанкамон, фараон кој владеел од околу 1332 до 1323 година п. н. е. .

Според податоците на СЗО, Египет покажа дека синџирот на локално пренесување маларија преку комарците „Анофелес“ е прекинат најмалку три години.

Резултатите беа постигнати преку ригорозен мониторинг, постојано отстранување на местата за размножување и заштита од каснување од комарци.

За да добијат сертификат од СЗО, земјите, исто така, мора да покажат способност да спречат повторно појавување на преносот.

Оваа болест е предизвикана од паразити кои ги пренесуваат комарците „Анофелес“. Се манифестира со висока температура, треска, главоболка и болки во мускулите.

Тоа може да биде особено смртоносно за деца и возрасни со ослабен имунолошки систем.