Македонија
4. July 2019 - 13:59

Стоилковски: Трет месец македонската дипломатија без здравствено осигурување

Нема ден Македонија да мине без нов скандал предизвикан од власта која што тоне.

И повторно во центарот на вниманието е МНР под Никола Димитров!

Почитувани, трет месец македонската дипломатија не е здравствено осигурана. Трет месец, македонските дипломати, амбасадорите, целата дипломатија, службите, вработените во ДКП-ата, не им се покрива здравственото осигурување.

Замислете, македонската дипломатија и вработените во МНР, кои што се државни службеници, администрација, повеќе месеци земаат плата од државата, од буџетот, ама немаат здравствено осигурување.

Ова е скандал од огромни размери кој што отвора повеќе скандалозни прашања.

Прво, како е можно министерство, особено МНР, македонската дипломатија да дели плата, а вработените да немаат здравствено осигурување? Како е можно Министерство, дел од Влада, да не уплаќа здравствено осигурување? Каков пример дава Владата, МНР до македонското стопанство, до бизнисмените, со тоа што може да исплатува плата, а вработените да немаат здравствено осигурување?

Втор аспект на проблемот е каде е Синдикатот на МНР? Каде се членовите на Синдикатот на македонската дипломатска служба, чија што веројатно последна активност беше да се повикаат вработените на таканаречениот марш за Европска Македонија, односно за поддршка на референдумот за промена на државното име? Посебен аспект на проблемот е Каде се овие месеци претставниците на Синдикатот на МНР, Синдикатот на македонската дипломатска служба, водени од звучни „борци“ како Сашко Тодоровски и други видни Амбасадорски имиња, каде се да го повторат преседанот, како што се посочуваше и повторно да организираат протест, но овој пат за вистинско синдикално прашање, за состојба во која повеќе месеци се доведени македонските дипломати?

Како е можно синдикалци да не изустат ни збор за тоа што дипломатите и службениците во МНР немаат здравствено осигурување од министерувањето на Никола Димитров, ниту за ниеден друг скандал кој што го тресе МНР?

Скандалите кои го следат МНР и работењето на Никола Димитров не само што не згаснуваат туку и се посилно удираат врз делот што треба да биде репрезент на македонската држава. Димитров знае „среде ноќ“ да среди Комисија за неговата ќерка да добие стипендија, ама не знае или не сака да го реши проблемот на вработените дипломати кои повеќе месеци не се здравствено осигурани.

Никола Димитров го претвори МНР во приватно гранапче на СДСМ! Ова е срамно, жално и ништо помалку од намерно девастирање на македонската државата.