Спорт плус
12. May 2026 - 15:46

Стефан Мелник освои сребрен медал на Светското првенство за слабовиди и слепи шахисти

Младиот шахист на ШК Алкалоид, Стефан Мелник, блесна на Светското екипно првенство за слабовидни и слепи шахисти во организација на IBCA (Интернационалната Брајова шаховска асоцијација), освојувајќи сребрен медал на петтата табла (најдобар резервен играч).

Мелник беше повикан во македонската репрезентација и како најмлад член на селекцијата остави силен впечаток на турнирот што се одржа во Црна Гора, каде што настапија 21 национална репрезентација. Тој воедно беше и единствениот шахист помлад од 18 години на целото натпреварување.

Македонската репрезентација го освои 10. место, односно беше на делба на 9. позиција, но според дополнителните критериуми, заврши на десетта. Сепак, токму Стефан беше еден од најзабележителните поединци во финишот на шампионатот.

Младиот шахист настапи во последните пет кола и освои фантастични 4,5 поени, со што заслужено стигна до сребрен медал во конкуренција на резервни играчи.

Дополнително, со одличните партии направи и голем рејтинг-скок. Турнирот го започна со рејтинг од 1819 бодови, а по само пет одиграни партии, освои нови 72 рејтинг-бода.

Поканата да играм за репрезентацијата на слабовидни и слепи шахисти дојде во вистинско време за мене бидејќи претходниот период бев посветен на нешта кои го оттргнаа мојот фокус од шаховската игра. Почувствував дека немам што да загубам и растоварено влегов во овој филм. Во првите неколку кола, шанса за настап добија поискусните играчи, а моите пет минути дојдоа во втората половина на турнирот – раскажува Стефан за своето искуство.

Играчите на првите две табли, Даниел Димов и Зоран Костадиновски, се соочија со силна конкуренција, па во последните пет партии се ротираа на првата табла. Жарко Селковски и Филип Арсов настапуваа на втората и на третата табла, а Стефан доби шанса на четвртата табла.

Враќањето во натпреварувачки ритам ми одеше тешко и, веројатно, првата партија (против Романија) ја одиграв најлошо. Противничкиот шахист беше пред победа, но успеав да ја казнам неговата непрецизност и да победам. Вториот меч (против Словачка) ми беше многу полесен и немав проблеми да победам, а најтешкиот противник го имав кога ја играв третата партија (против Бугарија). Тие имаа двајца интернационални мајстори во својот тим и беа пресилни на првите две табли, па лично ми значеше тоа што успеав да извојувам победа на тој меч. Против Шпанија, исто така, се соочивме со силна конкуренција на првите табли, но јас ја искористив шансата за четврт поен во низа против нивната шахистка која во тоа коло настапи на четвртата табла. Во пресрет на последното коло (против Словенија) ме информираа дека со победа можам да освојам златен медал како најдобар играч од резервите, па, така да се изразам, чувствував како да имам трема, играв во грч, а мојот противник воопшто не беше слаб. Тимски победивме, јас ремизирав, а тоа беше доволно само за сребрен медал. Украинскиот шахист кој го освои златниот медал има 200 рејтинг-поени повеќе од мене, но не настапи во последното коло за да не го наруши својот резултат.
Околу идните ангажмани, Стефан е претпазлив во ветувањата бидејќи веќе има искуство зад себе како играч, но фокусот му е насочен и кон другите животни обврски.

Ќе се држам до фразата дека овој успех ме мотивира да продолжам. Во прв план ќе ми бидат натпреварувањата за слабовидни и слепи шахисти, но се надевам дека благодарение на поддршката од ШК Алкалоид, ќе бидам во можност да продолжам и со настапите на редовните турнири, на кои конкуренцијата е посилна.

Репрезентацијата на Полска, која беше најдобро рангирана според просечниот рејтинг на играчите, а за која играа тројца играчи со титули (еден велемајстор и двајца интернационални мајстори), го оправда епитетот на фаворит и со 17 од можни 18 поени го освои златниот медал, пред Украина со 16 и Србија со 13 бода.

 

МИА