Македонија
2. December 2015 - 20:55

Ставрески: Не го дозволивме вето на СДСМ, бидејќи граѓаните не смеат да бидат жртва

Министерот за финансии Зоран Ставрески попладнево учествуваше на трибина во Дојран во рамки на кампањата на владејачката партија „На Македонија и треба твојата идеја“.

- Ние сме партија која црпи свои идеи од граѓаните. Граѓаните порано беа навикнати да ги гледаат политичарите во грб, беа недопирливи за граѓаните. Од 2006 е сосема друго. Ние се консултираме со граѓаните и даваме отчет, исто така и да слушнат што треба да се сработи подобро, нешто повеќе за да се постигне квалитет на животот. Тоа е разликата помеѓу нас и политичките противници. Тоа било така и кога ја воделе државата тоа е и сега.Тие имаат деструктивна енергија што и се манифестираше сега во 2015 години, истакна Ставрески.

Според него добро е што со договорот во Пржино се стави крај на кризата, иако не е добро често да има избори, но од друга страна пак е добро граѓаните да решаваат кој е во право и кој треба да ја води државата.

- Политичката магла која се надвисна, која ја донесоа политичките опоненти ќе се види во април 2016. Но и после политичката магла ќе останат делата и проектите кои што се видливи и никој е може да им ги земе на граѓаните. Ако во Дојран се направило игралиште, патека, училиште,… тоа ќе остане во Дојран и тоа никој не може тоа да го смени. Тоа не значи дека ВМРО-ДПМНЕ не направило грешки и дека се и сешто направило, но тоа значи дека огромен број на работи се направени и во тоа е разликата помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, рече Ставрески.

Кратко време откако СДСМ влезе во институциите,  како што истакна Ставрески, граѓаните видоа како тие ги креираат политиките.  - СДСМ прави проблеми и во Министерството за финансии, Министерството за земјоделие и во другите министерства каде што влегоа технички. Добро е што сега можат да видат граѓаните за нивниот капацитет, посочи Ставрески.

Додаде дека не дозволиле да се случи ветото на СДСМ, бидејќи граѓаните не смеат да бидат жртва на ова однесување на СДСМ.

- Она на што сме фокусирани е подобрување на стандардот на граѓаните. Ние посветено работиме низ годиниве, економскиот тим, да направиме Македонија да стане економска дестинација. Поминаа 9 години откако народот ни ја даде довербата. Бевме 94 место на Дуинг Бизнис во 2006, а според последниот извештај сега сме 12 место во светот, а 6 место во Европа.  Инвеститеторите го читаат овој извештај на Дуинг Бизнис, кој е направен од експерти и се смета за веродостоен извештај. Како резултат на ова се повеќе инвеститори доаѓаат во Македонија, тие ја гледааат целокупната слика за државата. Токму таква одлука е денешната инвестиција во Прилеп, Гентерм во која што ќе се вработат 2000 лица, од кои веке 350 се вработени. Такви инвестиции имаме во Кавадарци, Штип, Скопје, најавивме и тука во близината, во Струмица која ќе се отвори наредната година, рече тој.

Со овие политики и со мерката „Македонија вработува“, како што додаде, се обезбедуваат нови работни места. - Успехот е видлив, во 2006 година невработеноста беше 38% а сега е 26,8%. резултатот е тоа што во овие години се отворени 140.000 нови работни места, додаде Ставрески.

Пред учесниците на трибината потсети на сите проекти кои се спроведени во областа на образованието, изградбата на спортските сали и терени, зголемувањето на пензиите и социјалната помош, како и изградбата и реконструкцијата на патиштата.

- Во Дојран се реконструирани 31 километар локален пат изминативе години, како и моменталната реконструкција на локалниот пат Николиќ- Дојран.  Петнаесет локални улици се реконструирани во Дојран, изградени се три спортски терени, четири детски игралишта, нов училишен објект. Отворена е првата детска градинка... Стилот на ВМРО-ДПМНЕ е да ветиме што можеме и тоа го исполнуваме, рече министерот Ставрески.