Стартува национална иницијатива за намалување на семејното и врсничкото насилство
Застрашувачки раст на семејното и врсничкото насилство. За 67% пораснале пријавите на семејно насилство од почетокот на годината до крајот на мај, споредено со истиот период лани. Во истиот период, енормен раст се бележи и на врсничкото насилство низ училиштата.
„Оваа година регистрирани се 93 инциденти на врсничко насилство во 64 училишта. По преземените мерки поднесени се 46 кривични пријави за вкупно 52 кривични дела против 92 сторители. Кривичното дело силување на дете под 15 години е регистрирано 6 пати, наспрема само 1 случај од минатата година. Ова е податок кој не смее да остане без реакција.“, вели министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Владата стартуваше нова национална иницијатива со која се поврзуваат образовниот систем, безбедносните структури и социјалните служби во обид за намалување како на семејното, така и на врсничкото насилство. Со теренски активности и обуки под раководство на Комората на психолози ќе се почне уште од следната недела.
Децата не стануваат агресивни во училиште, туку тоа однесување го носат со себе од надвор, уверува министерката Јаневска.
„Во реализацијата вклучени сме Министерството за образование, социјална политика, внатрешни работи, Центрите за социјална работа, училиштата и Комората на психолози. Ќе работиме на воспоставување одржлив механизам за рано препознавање, превенција и соодветно постапување при семејно насилство врз децата. Најпрво ќе спроведеме обуки за сите училишни психолози, педагози и социјални работници.“
Психолозите велат дека агресивното дете е всушност дете кое научило дека агресијата е единствениот јазик преку кој може да ја изрази сопствената болка.
„Научните истражувања велат дека едно од шест деца во светот доживеало или било сведок на физичко семејно насилство. Кога во училиштето ќе видиме дете кое покажува агресија или постојано влегува во конфликти, наша професионална задача е всушност да поставиме едно многу поважно прашање: Што му се случува на ова дете и што стои зад тоа негово однесување?“
Медиумите во изминатиот период сѐ почесто објавуваа за семејно и врсничко насилство, особено по случаите во Карпош каде жена заедно со својата ќерка скокнаа од балкон по насилство од партнерот, како и случајот со малтретирање на девојче во Ѓорче. Дека впечатокот на медиумите не е субјективен покажуваат и статистичките податоци од Министерство за внатрешни работи. За помалку од шест месеци имало дури 768 кривични пријави за семејно насилство како и четири убиства.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
