Стартува Минхенската конференција - Ќе донесе ли трајно решение за руско-украинската војна?
Вниманието на светската јавност од денеска е насочено кон Минхен. Стартува 61-та безбедносна конференција на која се очекуваат разговори за крај на руско-украинската војна.
Во Минхен утрово пристигнаа клучните луѓе од администрацијата на Трамп предводена од американскиот потпретседател Џеј Ди Венс кој се очекува да се сретне со украинскиот претседател Зеленски. Тој пак утрово од Минхен порача дека досегашните разговори кои ги предводи Трамп, не се доволни за да се оформи мировно решение.
Не знам, не гледам дека САД имаат подготвен план. Мислам дека е многу важно. Му пренесов на претседателот Трамп дека сум подготвен (да разговарам) во секој момент. Не ми треба ништо посебно за ова - ги знам сите бројки.
Подготвени сме да разговараме во секој момент – ја разбираме географијата на нашата земја, ги гледаме најголемите ризици. Подготвени сме да зборуваме за сè: од (странски) контингент до безбедносни гаранции, за НАТО – ние да сме во НАТО или НАТО да биде тука. Подготвени сме на секаков вид рамка за да го запреме Путин“. “, рече Зеленски на прес конференција
Сепак, неизвесен останува состанокот помеѓу американски, украински и руски претставници на маргините на конференција кој претходно го најави Трамп, со оглед дека Русија воопшто не е поканета, а утрово потврди и дека нема да испрати своја делегација во Минхен.
„Руските претставници не се поканети на Минхенската безбедносна конференција, оваа одлука е донесена пред неколку години. Тоа е политизирана одлука, тоа е чудна одлука. Значи, претставници на (руското) Министерство за надворешни работи, како и други руски официјални структури и агенции нема да присуствуваат. Ова можам да ви го кажам со сигурност“ рече Марија Захарова, портпаролка на руското МНР
Ова прашање беше и во фоусот на средбата помеѓу потпретседателот на САД, Венс со првиот човек на НАТО, Марк Рутe
Главната програма на конференцијата почнува утре, во следните два дена предвидени се над 350 сесии на различни безбедносни теми. За безбедноста на светските лидери пак околу главниот град на Баварија распоредени се над 5000 полицајци.
-
Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар