Македонија
21. November 2024 - 10:56

Средба на министерот Муцунски со постојаниот претставник на УНДП, Армен Григоријан

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска го прими постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), Армен Григоријан, соопштија од Министерството.

На средбата министерот Муцунски ја потврдил посветеноста на Владата на Република Северна Македонија како партнер на Обединетите нации, истакнувајќи дека напорите се насочени кон целосно исполнување на Целите за одржлив развој и реализација на Агендата 2030.

Притоа, тој изразил благодарност за досегашната и идната соработка на УНДП со националните институции, со акцент на почетокот на подготовката на новата Рамка за соработка за одржлив развој (2026-2030).

Соговорниците се осврнале на клучните иницијативи и активности на УНДП, вклучително и идните проекти што ќе произлезат од новата Рамка. Во фокусот на дискусијата биле теми како што се зајакнувањето на институциите, децентрализацијата, локалниот развој, поддршката за младите, социјалната инклузија, родовата еднаквост и животната средина, кои остануваат високо на агендата на соработката.