Спасовски го честита државниот празник 24 мај, „Св. Кирил и Методиј“ – Ден на сесловенските просветители
Во име на Владата на Република Македонија, претседателот на Владата на Република Македонија Оливер Спасовски, им го честита на сите граѓани државниот празник 24 мај, „Св. Кирил и Методиј“ – Ден на сесловенските просветители.
Со денешниот празник, Денот на сесловенските просветители, потенцира Спасовски, одбележуваме еден исклучително значаен цивилизациски процес за Македонија, Европа и светот, остварен преку нивните мисии меѓу словенските народи во деветтиот век.
– Темелот на овој процес е создавањето на првата азбука – глаголицата, од која подоцна нивните следбеници, пред сѐ, Свети Климент Охридски, ќе ја создаде кирилицата како основа за стандардизација на македонскиот јазик и писмо. Светите браќа овозможија Библијата да биде достапна за сите Словени и старословенскиот јазик да се воведе во црковните служби. Истовремено, тие и нивните ученици, ќе започнат и далеку поширока културна активност преку описменување на населението, превод на книги и формирање на книжевни школи, од кои подоцна ќе произлезе и Светиклиментовата охридска школа, вели во честитката премиерот Спасовски.
Епохалното дело на Светите Кирил и Методиј, подвлекува, на различните словенски народи им овозможи самоуверено да зачекорат на светската цивилизациска сцена.
Во тој дух, стои во честитката, ние денеска можеме да кажеме дека оддаваме почит на делото на Светите браќа, заедно со сите останати словенски и други народи, кои чувствуваат ист долг кон нивната мисија и наследство, и ги слават со достоинство и чест.
Затоа и Папата Јован Павле Втори во својата енциклика, послание, од 31 декември 1980 година, ги прогласи Светите браќа за заштитници на Европа.
– Во време кога се соочуваме со пандемијата предизвикана од КОВИД-19, и кај нас и во светот се наметнува неопходност за една нова нормалност со поинаков начин на функционирање, вклучително и во образованието. А токму наследството кое ни го оставија Светите браќа Кирил и Методиј не потсетува и обврзува на потребата од визионерство во организирањето на образовниот процес преку употребата на алатки што ги нуди современата технологија. Светите браќа како покровители на просветните работници се инспирација и за нивната работа, како и за работата на образовните институции во нови услови, за да се оствари едукативниот процес за секој ученик и во оваа вонредна состојба и во оваа прилика упатувам честитки до сите вклучени во овој процес. Нека ни е честит и вековит 24 Мај, Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј!, истакнува во честитката премиерот Спасовски.
Ново на Сител
-
ЦУК: Во последното деноноќие 1.616 повици на 112
-
Абас: Израелската армија ќе го нападне градот Рафа во наредните денови
-
На пролетен фестивал во Германија, повеќе од 800 луѓе се заразиле со стомачен грип
-
Расистички навреди кон Нико Вилијамс
-
Од Либан истрелани 26 ракети кон северот на Израел
-
Анкета во САД: Поддршката за Бајден на историски најниско ниво од 38,7 отсто
-
Во Скопје санкционирани 142 возачи, 52 за брзо возење
-
Учениците од утре на пролетен распуст, наставата ќе продолжи на 7 мај