Македонија
30. January 2026 - 16:36

Совет на Европа го затвори постмониторинг дијалогот со Македонија

По 25 години дијалог Парламентарното собрание на Советот на Европа ја затвори пост мониторинг фазата со Македонија. Со Резолуцијата која беше едногласно изгласана се признава напредок во демократијата, владеењето на правото, заштитата на човековите права и исполнување на обврските преземени во 2000 година.

Премиерот Мицкоски оценува дека ова е историски момент за земјата и признание на високото ниво на демократија, но и демант за сите обвинувања на опозицијата. 

Според известувачите, напредокот е евидентен, но забележуваат дека на состојбата во правосудството и борбата со корупцијата мора да се работи.

- Во однос на функционирањето на демократските институции, заклучуваме дека политичката слобода, вклучително и правото на слобода на здружување, собирање и изразување и медиумскиот плурализам генерално се почитуваат. 

Во однос на спречувањето и контролата на корупцијата, властите спроведоа бројни мерки за исполнување на препораките на Групата на држави против корупција. Сепак, корупцијата останува широко распространета низ целиот јавен сектор, што укажува дека мерките преземени досега не биле ефикасни.

За македонската делегација која ја сочинуваат пратениците Иванка Василевска, Бисера Костадиновска Стојчевска и Беким Ќоку, завршувањето на постмониторинг периодот за Македонија е потврда на напредокот, мултиетничкиот и инклузивен карактер на државата и посветеноста на реформите.

Три децении нашето членство во Советот на Европа беше водечка рамка за трансформација. Оваа Нацрт-резолуција пред нас признава не само каде се наоѓаме денес, туку и сериозноста со која пристапивме кон нашите обврски. Одлуката за затворање на пост-мониторинг дијалогот ја гледаме како признание за долг и често тежок реформски процес, спроведен со упорност и одговорност.

Овој извештај е слика за секоја поединечна одлука, секое назадување, секој напредок што покажува дека луѓето во Северна Македонија сакаат напредок, сакаат демократија и знаат што значи демократија, како реагирале кога слободата била негирана и како сè уште реагираат кога политичарите не ги исполнуваат нивните потреби. И дека нема да престанат да ги бараат своите права!

По затворањето и на оваа фаза случувањата сега ќе се следат преку механизам за редовен периодичен преглед.