Македонија
25. March 2025 - 16:39

Собранието ги откажа сите активности и оваа недела

Бурни реакции во јавноста предизвика празната агенда на Собранието втора недела по ред. Пратеничките групи вчера се договрија да се откаже седницата за пратенички прашања овој месец, иако се работи за деловничка обврска, а дополнително се откажани и сите други официјални активности. По коментарите дека пратениците си зеле две недели нефорламен одмор, од партиите велат дека народните избраници сепак работеле.

Агендата била откажана за да нема политизација на трагедијата во Кочани, велат и од владејачката ВМРО-ДПМНЕ и од опозициската СДСМ.

Од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ додаваат и дека се откажани само пленарните седници и комисиите, но дека нивните пратеници особено од кочанско-штипскиот регион се на терен. Преку Фејсбук информираат дека работи и народната канцеларија во Кочани за сите граѓани што имаат потреба, но и дека донирале за жртвите од пожарот.

Слично, одговараат и од СДСМ.

„Имаме редовни координации како пратеници за подготовка на законски решенија. Имаме и активности на терен, особено пратениците од таа изборна единица се сретнуваат со засегнатите граѓани. Како пратеничка група веднаш се организиравме и дониравме дел од нашите приходи за настраданите“, велат од пратеничката група на СДСМ.

Но, од Левица пак, со критика дека парламентот ја запоставил својата работа.

„Во овие моменти, кога е повеќе од потребно, Собранието не презема одговорност да носи закони, туку втора недела по ред бега од таа своја обврска! Владејачкото мнозинство на ДПМНЕ-ЗНАМ-ВРЕДИ поддржано од СДСМ, ја покажа својата вистинска слика - кога е најважно, тие избегаа!“, напишаа од партијата на Апасиев.

Сепак, останатите пратенички групи тврдат дека на одложувањето на пратеничките прашања се согласил и координаторот на Левица, а дополнително токму тој побарал да се откажат и сите други активности во парламентот, што било прифатено од сите останати.

Дека одлуката била консензулана, тврдат и од кабинетот на Гаши.

„Консензуалната одлука од координација е донесена имајќи ги во вид чувствата на сите граѓани по трагедијата во Кочани, изразувајќи почит кон сите загинати и надеж дека повредените ќе се вратат во добра здравствена состојба што поскоро“, велат од кабинетот на Гаши.

Од таму велат дека голем дел пратеници доаѓале и на своето работно место во парламентот.