Сите осомничени за криминалот во ФФМ се обезбедени
За еден куќен притвор, за двајца мерки на претпазливост, денеска последните осомничени за случајот ФФМ кои полицијата не можеше да ги пронајде се појавија пред судот. Вчера пак на другите двајца кои беа недостапни на органите на прогон им беше определен еден ефективен притвор и за еден мерки на претпазливост. Од Обвинителството соопштија дека сите 18 осомничени за проневерата на околу 3 милиони евра во Фудбалската федерација се пронајдени.
„Сите пет осомничени лица во текот на викендот се обезбедени и за истите е делумно прифатен предлогот на обвинителството и добија мерки, Обвинителството продолжува со преземање дејствија во понатамошниот тек на истрагата“, соопштија оттаму.
Истрага е отворена за 18 лица и осум фирми. Се сомничат дека преку фиктивни услуги од фирмите кои никогаш не биле извршени се испумпале од ФФМ околу три милиони евра.
Првоосомничени се поранешните претседатели на Федерацијата, Илчо Ѓоргиоски и Мухамед Сејдини. Ѓоргиоски од четвртокот е во ефективен притвор, додека Сејдини од пред два месеци за друг случај поради сомнение дека злоупотребил 700.000 евра за изградба на трибини во Охрид.
Од Фудбалската ферерација се огласија дека тие го пријавиле предметот до Обвинителството, уште во 2019 година за злоупотребите кои се правеле во претходните четири години. Тогаш била поднесена кривична пријава, а на крајот на 2025 била побарана дополнителна документација од нив. Истрагата беше отворена за минатата недела.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
